Старите објекти – бараки на водоводното претпријатие во центарот на Дојран, веднаш до општинското седиште, добиваат нова намена и ќе служат како простории за истражување на Дојранското езеро.
Локалните власти веќе избрале градежна фирма која ги реновира старите куќарки во кои треба да се сместат компјутерска лабораторија за испитување на Дојранското езеро, едукативен центар кој ќе се користи од стручни експерти, како и дел за објавување на резултатите од сработеното.
Според градоначалникот Анго Ангов, тука ќе се изработуваат проекти за подобро управување со еко системот на Дојранското езеро, а воедно ќе послужат и како нови содржини што ќе ги добие општина Дојран.
– Веќе се градат трите куќички во центарот на Дојран. Се работи за средства добиени од Европската унија кои ги менаџира УНДП. Едната куќичка ќе биде компјутерска лабораторија којашто ќе ја користат студенти и стручњаци кои ќе помагаат за испитување на квалитетот на водата на Дојранското езеро. Другата ќе биде прес центар за соопштување на сите тие активности, како и се што прави општината – вели Ангов.
За одржувањето на објектите ќе се грижи општината, велат локалните власти.
Од проектите кои тука ќе се спроведуваат, а ќе бидат самофинансирачки односно за кои општината нема да ги покрива трошоците, бенефит ќе има и Дојран, смета градоначалникот затоа што бесплатно ќе добива информации и насоки како подобро да се управува со еко ситемот на Дојранското езеро.