Со отстранувањето на кровната конструкција и делумно рушење на една од старите воени згради, што ќе биде адаптирана за планинарски дом на Пониква, започнаа градежните работи од проектот „Планински велосипедски рај” на Осоговските Планини.
Предвидено е да се изгради поткровен дел со ист облик како и на соседниот објект, со што ќе се добие една естетска целина на околниот простор. Во дел од планинарскиот дом ќе има подрумска просторија со печка за парно греење на пелети. Во поткровјето се планирани 28 легла во двокреветни и трикреветни соби. Фасадните прозорци и врати се предвидени со ПВЦ-браварија, а ќе постави и термичка изолација.
Проектот „Планински велосипедски рај” опфаќа и изградба на патеки за планински велосипедизам на Осоговските Планини во вкупна должина од 35 км, на релацијата Пониква – Брана Гратче – Кочани.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој денеска направи увид во текот на градежните работи на планинарскиот дом, оценува дека реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај” ќе придонесе за проширување на туристичкиот потенцијал, со посебен акцент на планинарството и планинскиот велосипедизам.
– Со овој проект ќе ја подобриме актуелната туристичката понуда со патеки за велосипедисти, што значи дека се огромни можностите за привлекување не само на домашни, туку и на туристи од странство, истакна градоначалникот Илијев.
Проектот „Планински велосипедски рај” се реализира со средства коишто Општина Кочани ги доби во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност” финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија, администриран од Светска банка.
МИА