Управителот на Канал 77 Горан Гаврилов, вчера попладне во Штип, бил нападнат вербално, а потоа и добил и закани по неговиот живот од страна на лицето Горан С. Коцка, близок соработник на Роберт Димитров – Роби. Минувачите го спречиле напаѓачот и физички да се пресмета со Гаврилов. Случајот веднаш е пријавен во полиција.
Меѓутоа и по доаѓањето на полицијата, Горан С.Коцка продолжил со заканите и вербалните напади. Напаѓачот бил агресивен и во алкохолизирана состојба. За настанот сведочи Горан Гаврилов:
-Вчера околку 17:30 часот, пред влезот на маркетот Туш, грубо бев вербално нападнат од лицето Горан С. наречен Коцка, кој што во алкохолизирана состојба се пушти на мене со намера физички да ме нападне. Беше попречен во намерата од минувачите и упати закани по мојот живот. Истото го стори и кога пристигна мојот син Виктор Гаврилов, и при тоа, јасно се закани пред сите луѓе, дека ќе не’ убие и двајцата. Повикавме полицијата, но и кога пристигнаа, ова лице не се смири, па дури и полициските службеници не беа во состојба да го оттргнат и смират. Насилникот Горан Коцка, е повеќе пати осудувано лице, меѓу другото и за обид за убиство во 2008 година, за што имаше мерка притвор заедно со Драган наречен Четник и Роберт Димитров наречен Роби сопственик на Телекабел и ТВ 24 и Енџелс ФМ, изјави Гаврилов.
Случајот е познат на штипската јавност. Исто така е познато дека овие лица беа ослободени и поради немање доказ против нив. Судијата Драги Ивановски, кој го водеше случајот и ги ослободи двајцата од обвиниени беше разрешен. Јавниот обвинител Драган Гаџов, кој го поднесе обвинението и не успеа да го докаже на суд, исто така беше разрешен.
По повеќе годнии, се’ уште нема ниту кривична пријава за непознат сторител, вели Гаврилов.
-Претпоставувам дека ова лице Горан наречен Коцка има сега уште поголема сила за да ми се заканува по живот, во заштита на својот ментор Роберт Димитров. Ова не е прв пат да се заканува. На свадбена веселба упатил закана на мојот син Виктор Гаврилов, со намера физички да го нападне, но бил попречен од вработените. Мислам дека ова нема да престане и ваквите криминалци кои што се на слобода, секогаш ќе бидат закана за мојот живот и животот на моите блиски. Со години чекам правната држава да проработи и се надевам дека конечно тоа ќе се случи, а системот ќе ги превземе сите мерки да ме заштити. Иако минатото покажа дека нама правда, ниту заштита во тој корумпираниот систем, изјави Горан Гаврилов, управител на Канал 77. Во СВР Штип нападот е регистириран. Со случајот е запознат и Јавен обвинител.
„На 14.05.2020 во 17.52 часот во СВР Штип, В.Г.(28) од Штип пријавил дека неговиот татко Г.Г.(54) бил нападнат од страна на Г.С.(48) од Штип. Подоцна во 19.10 часот во СВР Штип, Г.Г. пријавил дека околу 17.40 часот на влезот пред маркет на ул. “Сутјеска” во Штип, на една од масите пред кафе барот седеле повеќе лица меѓу кои и Г.С. кој почнал вербално да му упатува закани на Г.Г. и на неговиот син. Од страна на полициски службеници преземени се мерки, земен е записник за примање пријава. За настанот запознат е Јавен обвинител“, соопштија од СВР Штип.