Турција: Младите во Коџаели со македонски народни песни повикуваат „Остани дома“ – ММС
ММС

Објавено на: 05/15/20 6:43 AM

Турција: Младите во Коџаели со македонски народни песни повикуваат „Остани дома“

Во областа Коџаели, во градот Измит, млади музичари, по потекло од Македонија, го поддржаа повикот „Остани дома“ и пееја македонски народни песни за оние кои не можеа да ги напуштат своите домови како дел од превенцијата против ширењето на новиот тип коронавирус (Ковид-19), јавува агенцијата Анадолија (АА).

Група млади музичари, шетајќи по улиците на Измит, во кои главно живеат иселеници, со саксофон, кларинет, тапан, труба и со незаменливиот музички инструмент на Балканот, хармониката, одржаа концерт.

Населението, аплаудирајќи од терасите, фаќаше ритам со музиката и на младите музичари им фрлаше пари.

Серкан Хаџи, еден од младите музичари за АА изјави дека со останатите музичари се собрале под мотото „Остани на тераса, остани со музика“.

Хаџи истакна дека проектот го започнале со реченицата „Во овој тежок период низ кој минуваме, доаѓаме во вашите улици за да ве забавуваме малку“, и додаде: „Јас сум еден од иселениците од Македонија кои живеат во областа Коџаели. Како млади луѓе донесовме одлука музиката да им ја пренесеме во домовите на иселениците од Македонија, особено на оние над 65 години кои во овој период не можат да излегуваат на улица.“