Протоколот за кампања и гласање подготвен, подготвено мислењето од ДИК за предвремените избори – ММС
ММС

Објавено на: 05/15/20 6:38 AM

Протоколот за кампања и гласање подготвен, подготвено мислењето од ДИК за предвремените избори

Комисијата за заразни болести изработи Протокол за целокупниот изборен процес од предизборните активности до денот на гласањето, а Државната изборна комисија (ДИК) се очекуваше во текот на вчерашниот ден да достави мислење до претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со изборниот процес и временската рамка што е потребна. Дополнително, ќе биде предложено и продолжување на вонредната состојбата во државата поради коронавирусот. Ова е накусо вчерашното резиме од подготовката за организирање и спроведување на предвремени парламентарни избори. Датумот се очекува да биде одреден на втората лидерска средба на оваа тема најавена за почетокот на идната недела.

Членовите ДИК, според информациите, изградиле единствено мислење во врска со продолжување на изборниот процес. Тие се согласиле дека сите одлуки што треба да се носат во врска со предвремените избори и продолжување на изборниот процес во контекст на мерките за коронавирусот треба да бидат согласно Изборниот законик и постоечките закони. Комисијата смета дека Избирачкиот список мора да се преработи во согласност со технологијата за негова обработка, која е опишана во Законот и со точно пропишани рокови.

Членови на ДИК, за МИА потенцираат дека Владата мора да донесе правен акт по кој Комисијата ќе постапува во којшто ќе бидат вклопени и активностите поврзани со Избирачкиот список.

Лидерите на политичките партии на средбата се договорија преку шефот на државата да биде обезбедено мислење за продолжувањето на изборниот процес што би помогнало за одредување датум за одржување на парламентарните избори. На средбата Владата беше задолжена да добие мислење од Комисијата за заразни болести и од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР кога би можеле да допатуваат во земјата и да се организираат за набљудување на изборите.

Комисијата со препораки да се гласа со маска, дистанца, честа дезинфекција на рацете и проветрување на просториите 

Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција соопшти дека Комисијата за заразни болести изработила Протокол за целокупниот изборен процес од предизборните активности до денот на гласањето. Задолжително ќе биде носењето на заштитна маска, држењето на физичка дистанца, честата дезинфекција на рацете и проветрувањето на просториите. Сите политички субјекти треба да ги почитуваат одредбите од Протоколот, што ќе биде доставен до претседателот на државата Пендаровски и до премиерот Оливер Спасовски.

– Овој протокол беше едногласно поддржан од сите членови на Комисијата за заразни болести и тој мора да се спроведува целосно, без исклучоци за да се заштити здравјето на граѓаните. Сите лидери на политичките партии на лидерската средба се изјасниле дека здравјето на граѓаните е на прво место и затоа очекувам дека сите партии, нивните членови и учесниците во изборниот процес ќе го почитуваат овој Протокол. Протоколот произлегува од генералните препораки за заштита на граѓаните од Ковид-19 кои во овој момент се на сила и ќе останат во сила и во наредниот период, рече Филипче.

Протоколот е направен на барање на претседателот на државата, како резултат на заклучоците од последната лидерска средба. Во Протоколот не е наведено кога ќе се одржат изборите, тоа е нешто што ќе го договорат лидерите на средбата кај претседателот.

Дополнително, Протоколот предвидува мерки и ограничувања кои прецизно го регулираат начинот на кампањата, партиските активности и собирите. Составен е од четири дела во кои се опфатени предизборните активности, спроведувањето на кампањата, одржувањето на партиските состаноци и денот на изборите.

На денот на изборите, сите членови на избирачките одбори и набљудувачите мора да носат заштитна опрема, да седат во простории со отворени прозорци или често да ја проветруваат просторијата. На секое избирачко место мора да има средства за дезинфекција, а гласачите да бидат на растојание од два метри и пред да влезат на гласање да ги дезинфицираат рацете. Маската треба да ја тргнат кратко само заради идентификација, а по гласањето повторно треба да направат дезинфекција на рацете. Во просторијата не треба никогаш да има поголем број на гласачи од боксовите за гласање. Доколку постои можност, за што треба да се консултира ДИК, се препорачува зголемување на времето на гласање за два часа за да се избегнат поголеми гужви.

Во предизборниот период се препорачува сите активности да се одвиваат со почитување на физичката дистанца од еден и пол до два метри, задолжително носење заштитна маска на устата и носот и задолжително често миење на рацете.

При одржување на собирите, препорака е да се почитуваат сите овие мерки, да се води сметка за бројот на учесници и да се користат разгласни уреди за да се избегне поголема концентрација на луѓе на едно место. Кампањата „врата на врата” да се реализира со заштитна опрема и физичка дистанца и да не се влегува во домаќинствата, туку само до врата или двор.

Партиските состаноци да се одвиваат на отворено доколку има можност за тоа, а во затворени простории да се почитуваат општите препораки за заштита и да се останува најмногу два часа по што треба да се изврши проветрување. Мобилните штандови за рекламен материјал да немаат повеќе од двајца активисти на еден штанд, а партискиот превоз да се одвива со средствата за јавен превоз со максимум 50 проценти пополнет капацитет. Притоа, задолжително е носењето заштитна маска, а превозниците треба да обезбедат средства за дезинфекција.

Во однос на состојбата со вирусот, Филипче потврди дека бројот на заболени е значително намален, епидемијата е под контрола и оти сите фактори се позначајно подобрени во однос на почетокот.

СДСМ најави дека нема да организира митинзи, другите партии се уште не се изјасниле каква кампања ќе имаат

Владејачката партија СДСМ смета дека не треба да има митинзи за време на кампањата и партијата најави дека собири од таков тип нема да организира.

– Во делот на водење кампања и претставување на кандидатите и програмата, најголем фокус ќе се стави на медиумското претставување, онлајн видео настани и друг тип на дигитална комуникација. СДСМ смета дека единствено може да се разгледа можноста за организирање мали средби под строго утврдени услови, исклучиво според протоколите донесени од здравствените институции за заштита на граѓаните, наведоа од партијата.

Датумот на одржување на изборите е главна точка во меѓупартиските прекупувања, особено помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ инсистира на избори не подалеку од крајот на јуни, додека останатите партии се уште не се изјаснуваат за конкретни датуми и ќе ја чекаат лидерската средба на почетокот на идната недела.

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски вчера на прес-конференција повтори дека секој потег, секоја одлука и секоја политика на СДСМ е и ќе биде исклучиво во функција на граѓаните, во интерес на државата.

– Секое одлагање на изборите подалеку од крајот на јуни е туркање на земјата во голема политичка, економска и здравствена криза. За СДСМ овој период има три клучни приоритети: заштита на здравјето, нова, брза трансформација на економијата и функционални институции кои се гарант за силна демократија. Сите досегашни параметри укажуваат дека епидемијата е ставена под контрола. Македонското јавно здравство одлично се справи со досегашниот тек на епидемијата, рече Николовски. Според него, веќе го живееме новото нормално.

Предвремените парламентарни избори кои веќе се распишани и еднаш одложени, повтори тој, треба да се одржат во првиот можен термин, а предизборната кампања да биде усогласена со заштитните протоколи и епидемиолошките стандарди, особено денот на изборите.

Тој ја обвини опозицијата дека бега од избори и се плаши од соочување со граѓаните.

– Мицкоски знае дека нема да стане ниту мандатар, ниту премиер, знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгуби изборите кога и да се одржат. Нема да дозволиме еден неспремен и некадарен политичар како Мицкоски да ја попречува новата нормалност, да одолговлекува целосна функционалност на институциите во земјава и да спречува создавање услови за трансформација на економијата, рече Николовски.

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски оцени дека е одговорно е да имаме избори во првиот возможен рок, во моментот кога здравствените власти тоа ќе го препорачаат. – Декември е крајниот термин кога според уставните рокови ќе мора да одржиме избори, изјави Манчевски.

Тој истакна дека смета оти е клучно да се почитува мислењето на здравствените власти од каде сметаат дека во јуни, поради досегашните рестрикции, не очекува период на стивнување на епидемијата од корона вирусот и затоа, според него, е неопходно изборите да се организираат во тој период.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак потенцираат дека СДСМ брза за избори среде пандемија поради ублажување на поразот.

– Суштината на СДСМ и Зоран Заев е дека брзаат за избори среде пандемија во која може да броиме човечки жртви наместо гласови од граѓаните е само поради две причини: Република Македонија е пред економски крах и ќе крахираме како држава и економија затоа што има дупка во Буџетот и стопанството трпи огромни штети само заради неспособноста на Владата на СДСМ да се справи со економската криза и СДСМ и Зоран Заев грчевито се борат да го ублажат поразот и падот на кариерата на Зоран Заев, кој по секоја цена е неизбежен, изјави вчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски одговарајќи на обвинувањата на Николовски.

Според опозициската партија, поразот на Заев и на СДСМ е неизбежен и воопшто не им е гајле за здравјето на граѓаните и по секоја цена се подготвени да организираат избори, во моменти кога нема апсолутно никакви услови.

– Љупчо Николовски говори за некоја нова нормалност која треба да гради можности, ова е малку несфатлива теза за граѓаните и за нас, но морам да му потенцирам и објаснам дека новата нормалност со која ќе се соочат е дека СДСМ, Зоран Заев и сите останати од власта на СДСМ се завршена приказна и ќе одговараат за сите криминалии кои ги сториле во минатото, рече Арсовски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски смета Комисијата за заразни болести треба да каже дали има услови за водење изборна и предизборна кампања, бидејќи најважно е здравјето на граѓаните, истакнувајќи дека верува во Комисијата, во капацитетот на техничката Влада и во институциите.

– Доколку тие ценат дека здравјето на граѓаните не е загрозено и ако сите ние имаме можност да водиме изборна и предизборна кампања без да го загрозиме здравјето на граѓаните, тогаш јас ќе ја чекам нивната оценка. Знам дека тие луѓе положиле заклетва и колку и да се блиски до некоја партија тие се грижат за здравјето на граѓаните, рече Мицкоски.

Партиите од албанскиот блок до вчера попладне не се изјаснија за препораките на Комисијата за заразни болести, ниту пак има информации кои датуми за избори ги преферираат. Единствено претставници на Алијанса за Албанците посочуваат дека крајот на јули или почетокот на август би бил најсоодветен термин за одржување избори.

МИА