Бројните кривични пријави , па и пресуди со затворски казни за стечајни управници се најдобра илустрација за тоа како завршија дел од стечајните постапки изминатите петнаесетина години. Професијата стечаен управник многу често беше сфаќана како алатка, со која преку една стечајна постапка, човек може да се обезбеди за цел живот. Работите многу не се променети и денес. Доказ за ова се серијата кривични пријави, што лани во ноември МВР ги поднесе со соменевање за злоупотреба на службената положба и овластување против стечајна управничка во кумановска фирма, а заедно со неа, со кривични завршија и банкари, нотари, вештаци . . .
Вројатно најпознат случај од стечај до затвор е тој на стечајниот управник Владислав Тамбурковски. Талентираниот економист заработи над десетина кривични пријави, уште толку пресуди со над 10 години затворска казна и милионски суми што треба да ги врати на државата. На Тамбурковски, како лице од доверба на тогашната власт, му беа доверени стечаите на гигнтски компании, како на велешка Топилница, Експорт-импорт банката, Газела, ФАС.
Само Основниот суд Велес на Владислав Тамбурковски му има изречено четири казни со вкупно времетраење од 15 и пол години затвор , а со пресудата од него се бара 700.000 евра да ја обештетети државата и велешка Топилница. Со друга пресуда Тамбурковски заработи затвор во тарење од пет години бидејќи продавал имот, олово, цинк и други метали сопственост на Топилница, иако имало судска забрана. Со оваа пресуда, тој има обврска да и врати на Топилница половина милион долари за колку што го оштетил комбинатот. Бидејќи не ја почитувал судската забрана, тој доби уште една казна затвор од половина година.
Уште пет години затвор Тамбурковски добил за кривичните дела „Злоупотреба на службена должност“ и „Фалсификување на деловни книги“. Во овој случај потпишал договори со агенција од Скопје, за ангажирање на повеќе лица, за инсталација на посебна технолошка метода во комбинатот. Иако работата никогаш не била изведена, Топилницата им платила 10,2 милиони денари на иноваторите, за колку што е оштетен буџетот на комбинатот, кој бил во стечај
Осудениот стечаен управник Владислав Тамбурковски сепак успеа да избегне затвор, откако побегна од државата и со бугарски пасош продолжи да живее и работи во Софија, отпрвин како универзитетски професор, а потоа како бизнисмен.
Штипска стечајна управничка заврши зад решетки, пријавувачот сега се кае
За разлика од Тамбурковски, неговата колешка, штипската стечајна управничка Нада Цветановска ја стигна правдата.
Цветановска имаше импресивна кариера на стечајна управничка. За спроведена стечајна постапка на штипскиот гигант ,,Астибо“ со близу 4000 вработени и илјадници квадрати во градежни објекти, од Светска банка беше прогласена за најуспешна стечајна постапка. Две – три години по ласкавото признание, стечајната управничка ја заврши својата кариера зад решетки. Цветановска, која учествуваше во изработката на Законот за стечај кој што беше донесен 2006 година, се сопна на еден друг закон – Кривичниот.
Цветановска беше прогласена за виновна за примање поткуп од 10.000 евра од Методи Миладинов, сопственик на фирмата ,,МТ Комерц“ и управител на ДОО „Три Чешми“, фирма чии што стечаен управник беше Цветановска. Според обвинението, таа неколку пати побарала и на крај и добила подарок од Миладинов од 10.000 евра, за да признае оштета од 4.125.000 денари на ,,ТМ Комерц“ од „Три Чешми“. Миладинов, претходно ја пријавил во Одделот за организиран криминал на СВР Штип и во договореното време пред кафеаната ,,Нецко 2“ во Штип и’ дал обележани банкноти. Цветановска беше уасена веднаш штом ги зела парите. Потоа следуваше судскиот процес, кој заврши со пресуда од четири години затворска казана за примање потпкуп. Цветановска тогаш тврдеше дека е жртва и дека целиот процес е наместен. Цветановска ја ислужи затворската казна во штипскиот затвор и сега е на слобода.
Бизнисменот Методи Миладинов, кој ја пријави за мито Цветановска од денешна временска дистанца вели дека добро би размислил дали повторно ќе го направи истото. Година-две подоцна тој самиот доби кривични пријави, по што судот му пресуди и тој си одлежа 18 месеци затвор за делото „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Миладинов, е обвинет дека како овластено лице, реализирал незаконска исплата на доверителите. Оваа пресуда Миладинов ја смета за начин на одмазда т.е наместена работа од луѓето на Цветановска од судот и полицијата, со кои што таа соработувала, но кои што останаа надвор од судскиот процес што се водеше против неа. Миладинов ја заработил кривичната пријава за неговата работа како сопственик на фирмата ,,Три Чешми “, на која што тој бил сопственик пред таа да отиде во стечај, со обвинение дека незаконски подмирувал доверители.
-Ме осудија на 18 месеци затвор и да вратам 4.600.000 денари. Сега би се размислил дали би пријавил. Сфатив дека стечајната управничка имала поврзаност со стечајни судии и други луѓе поврзани со нејзината работа, соучесници. На рочиштето требаше да бидат повикани и дриги инволвирани и сведоци, но никој не беше повикан, само Цветановска беше осудена“, тврди Миладинов.
,,Сакав на јавноста да и’ покажам како работат нашите стечајни управници“, тврдеше во тој период Миладинов, а го кажа и во нашиот разговор.
-Стечајната управничка на повеќе наврати ми бараше пари за одвивање на стечајот во ,,Три Чешми“ и на почетокот и дадов 300.000 , но тие пари требаше да ми ги врати и јас како поранешен сопственик на фирмата и дадов пари.Таа не ми издаде документ тогаш. По еден месец побарав да ми ги врати парите, но таа ми рече дека јас не сум и’ дал пари и тоа во присуство на други членови на Одборот на доверители. По извесно време Цветанова ми побара уште 2000 евра, со договор дека ќе ми ги врати парите, но тоа не се случи. Јас бев член на Одбор на доверители, имав некои спорови во врска со мои побарувања во „Три Чешми“, но стечајната управничка успеа да ми го одземе лозовиот насад, кој беше 140 хектари. Јас и тогаш и пред стечајната судика реагирав, дека ми должи пари, не ми ги враќа, а ми го одзедоа и лозовиот насад за чие подигање вложив многу пари. Потоа следуваше период на затишје за да по 4-5 месеци ми се јави Цветановска и ми побара пари. Ми бараше прво 20.000 евра, за да го заврши стечајот во моја корист. Се работеше за некои објекти во кругот на ,,Три Чешми“. Таа ми рече, „сите тие објекти ќе бидат твои, а ти да ми дадеш 20.000 евра. Јас и реков дека можам да дадам 10.000 евра, повеќе не давам. Таа се согласи . По тоа следуваше средба , јас и стечајната управничка се сретнавме во нејзиниот стан во зградата ,,Промаја“. Тогаш решив да ја пријавам, зошто во тој момент Цветановска беше стечајна управничка на шест фирми во стечај во Штип“, ни изјави Миладинов.
Стечајната управничка Нада Цветановска подоцна беше осудена за уште едно кривично дело , „Затајување на данок“ од 54.000 евра при продажба на штипското претпријатие ,,Метална“.
Некогашната стечајна управничка, од сегашна временска дистанца, кога ја побаравме, не сакаше да ги коментира случувањата. Дури инсистираше воопшто да не се пишува за нејзиниот случај. Тоа, како што рече, би било отварање на стари рани и нови шпекулации.
Здружението на стечајни работници Унит, стави зад решетки стечајни управници
Претседателката на здружението на стечајни работници Унит, Лилјана Горгиевска, вели дека како здружение имале можност да контактираат и работат со многу стечајни управници. Има лошо искуство, а главно дабележува дека стечајните управници не покажале волја за соработка, иако имале и добри исклучоци.
Унит, како здружение на стечани работници изминатите годни има поднесено бројни кривични пријави и против стечајни управници и против стечајни судии, но и доверители. За некои од нив има и пресуди и завршиле во затвор, вели Георгиевска. Таа доаѓа од кумановската фирма ЗИК Сточарство и преработка, која што е во стечај 17 годни, од 2003 година. Стечајот се’ уште не е завршен.
-Сите тие (стечајните управници) веќе ги имаат одлежано своите казни, зошто беа мали од 2 до 2,5 години. Според големината на капиталот што тие го извадија од фирмите, тоа е многу многу мала казна. Јас сум во Одборот на доверители како претставник на вработените од ЗИК Сточарство и преработка од Куманово и од здружението Унит. Некако се бориме, постигнавме и некои резултати, но тоа не е доволно, фирмите пропаднаа. Од стечајниот управник што е сега на ЗИК Сточарство и преработка, нема ни трага ни глас. Едноставно, не можеме да свикаме Одбор на доверители, не се јавува “, вели Горгиевска.
И стечајите постапки на приватните фирми траат со години
Според стечајниот управник и претседател на Комората на стечајни управници, Ацо Петров, со донесувањето на законот за стечај и со воведувањето на професијата ,,стечаен управник“, добивањето на лиценца за работа , која што се обновува на секои три години, се ограничија на некој начин можностите за коруптивни активности, за разлика од претходниот период.
-Во интерес на секој стечаен управник е што побргу да се заврши стечајната постапка, да се обештетат доверителите и врз основа на утврдените критериуми тие ја добиваат и наградата што им следува по закон. Колку е поголема стечајната маса, поголема е и наградата на стечајниот управник“, вели Петров.
Имаше шпекулации дека наградите на стечајните управници се движи од 2000 до 240.000 евра, но Петров вели дека нема слушнато некој да земе толкава награда. Сепак, вели дека се воројатни вака големи награди ако станува збор за завршена стечајна постапка на големи фирми со голема стечајна маса, како на пример што беше комбинатот ,,Фени“. Меѓутоа, додава Петров, Комората на стечајни управници има утврден лимит над кој не може да се движи наградата за еден стечаен управник.Наградата за стечајниот управник зависи од времето на завршување на стечајната постапка, од продажбата на стечајната маса, за колку е продадена таа стечајна маса, колку од доверителите и со колкави суми се обештетени доверителите.
Денес, стечајни постапки се одвиваат главно на приватни фирми и понекогаш колку и да е интересот на стечајниот управник да се заврши побргу постапката, условите на пазарот и приватниот бизнис си го прават своето, пред се’ конкуренцијата, која секако нема интерес одредена фирма пред или во стечај повторно да проработи, смета Петров.
Тоа обично се случува кога се организираат лицитации за продажба на имот на кои што како купувачи се јавуваат и конкурентски фирми на фирмата во стечај. На овој начин како учесници тие имаат можност за жалби ,за тужби, се’ се прави за да се одолговлекува завршувањето на стечајната постапка, за да не профукционира одреден капацитет на стечајниот должник и планот за реорганизација да не профункционира. Едноставно се води борба за пазар.
И во приватниот бизнис, кога нема да успеат тие продажби, се обвинува стечајниот управник, дека ја оддолжува стечајната постапка, а тој , според Петров, нема интерес за да не успее продажбата.
По дефиниција стечајната постапка е итна постапка, бидејќи средствата кои се во сопственост на стечајниот должник секој ден губат од својата вредност, па затоа е потребно стечајната постапка да биде ефикасна и временски ограничена со што би се зачувала вредноста на имотот на должникот, а со тоа ќе се заштитат и интересите на доверителите кои треба да се подмират од имотот на должникот и интересите на вработените кои очекуваат повторно да се вратат на работа кај должникот.
Доколку некоја потенцијална странка или инвеститор најдат слаба страна кај одреден стечаен управник, кариерата неретко му завршува со кривична пријава за ,,Злоупотреба на службената должност и овластување“ или за делото ,,Оштетување или повластување на доверители“ од Кривичниот закон. Минатата година кривична пријава заедно со нотар, банкар и инспектор, заработи стечајна управничка од Кратово, поради тоа што организирано ја оштетиле државата и доверителите за неколку милиони денари.
Петров вели дека на оваа сетечајна управничка и е одземена лиценцата и по други основи. Тие како Комора на стечајни управници имаат право во случај на претставки , да исклучуваат од членство стечајни управници, со што тие ја губат и лиценцата за работа, бидејќи еден од условите за нејзино добивање е и да се членови на Комората на стечајни управници.
Од самото воспоставување на стечајните управници, како фактори во економските пороцеси во државата ,тие ја носат негативната етикета, што некои во текот на своето работење и ја потврдија., посебно во периодот на транзицијата кога илјадници работници остнаа на улица , а имотите некогаш оправдано некогаш не, се продадоа за многу малку пари или се уште руинирани стојат како потсетници на некое минато време.
,,Стечајот е баук секаде во светот. Експерти од оваа област велат, како да Ве сакаат кога последни ставате клуч на фабриката“, додава Петров.