Лестер пред оној Лестер од 2016 година. Така од оваа временска дистанца може да се гледа на фантастичниот подвиг направен од Блекбурн Роверс точно пред 25 години.
Кој би рекол, без тронка потценувачки став, бидејќи таа екипа на Блекбурн имаше одлични фудбалери во името на Алан Ширер, Роби Севиџ, Грем Ле Со, Колин Хендри, Тим Шервуд, ќе успее да ја освои Премиер Лигата во друштво на Манчестер Јунајтед, Лидс, Нотингем Форес и Ливерпул. Сепак, легендарниот Кени Далгиш имал други планови со неговиот тим.
Четири години откако завршуваат 19-ти во Чемпионшип, слично на Лестеровата судбина, Блекбурн остварува сон на многу генерации и фудбалски неутралци.
Осумте бода предност кои ги поседува Блекбурн во последните кола, при самиот крај ги испушта губејќи три од последните пет натпревари. Во последното 42 коло (да се потсетиме дека тогаш Премиер Лигата броеше 22 екипи за разлика од сегашните 20), Манчестер Јунајтед влегува во борба за титулата со само два поени негатива во однос на Блекбурн. Клучните 90 минути се одигруваат на „Енфилд Роуд“, како да сакала судбината да си поигра со легендата на Ливерпул и тренер на Блекбурн. На Манчестер Јунајтед потребна му е победа против Вест Хем, но освојувањето на премиерлигашкиот трофеј не зависи само од нив.
Тие денови јавноста создава огромен притисок врз екипата што низ текот на целата сезона била на врвот на Премиер Лигата. Очекувањата биле огромни, дотолку повеќе што триумфот на Блекбурн би значел и засенување на полетниот Манчестер Јунајтед и големо освежување и на фудбалски, но и на комерцијален план. Алекс Фергусон оди дотаму и непосредно пред последниот меч изјавува дека Блекбурн нема капацитет да се справи со притисокот и дека шансите да ја загубат титулата постојат. На крајот од денот, се испоставува дека токму тимот на Фергусон нема капацитет да остане докрај во борбата за скапоцениот трофеј, бидејќи на гостувањето на „Аптон Парк“ успева да извади недоволни 1-1.
-Притисокот беше целосно врз нашиот грб, затоа што очекувавме Јунајтед лесно да го победи Вест Хем. Поминавме многу непреспиени ноќи во последните две недели од сезоната. На тренинг пристигнав во седум часот наутро, бидејќи не можев да спијам мирно. Сакав само да пристигне моментот и судијата да означи почеток на мечот, се осврнува на последните денови од незаборавната сезона, поранешниот играч на Блекбурн, Марк Еткинс.
Сезоната 1994/95 беше специфична и по уште една работа. Смртоносното дуо Ширер-Сатон, кое комбинирано постигна 49 голови. Да, добро прочитавте, 49 голови. Интересно е тоа што Крис Сатон по доаѓањето во Премиер Лигата, не чекорел баш најуспешно. Во Челзи е купен за рекордна сума во тоа време, таму не ги исполнува очекувањата ни најмалку. Некои постари фанови и ден-денес на него гледаат како класичен „флоп“, односно промашување од невидени размери. Во конкуренција на Роби Фаулер (25), Лес Фердинанд (24), Стен Колимор (22) и Енди Кол (21), Алан Ширер ја освојува титулата најдобар стрелец во лигата, постигнувајќи неверојатни 34 гола. Ширер и денес го држи приматот најдoбар гоглетер во историјата на лигата со постигнати 260 погодоци.
Ако традиционалното пиење пиво пред секој натпревари, што би рекле од „СкајСпортс“, ги „смирува нервите“, тогаш голот при крајот на првото полувреме, 37-ми за Ширер, но и водството на Вест Хем против Јунајтед, апсолутно имал поголем ефект врз фановите. Како и да е, тој ден не одеше се како подмачкано за момците на Кени Далгиш. Едно уво на терен, друго на клупата и кон трибините, да се слушне резултатот од другиот натпревар. А вестите од тој меч не беа пријатни. Јунајтед го израмни резултатот, а во исто време и Ливерпул го направи истото. Уште еден гол беше потребен за да изграденото во текот на целата сезона биде тукутака срушено.
Неопеаниот херој за Блекбурн на тој 14 мај, овојпат не беше фудбалер од нивните редови. Лудек Миклошко е голманот на Вест Хем кој исклучително добро го бранеше својот гол, небаре Вест Хем не смее да прими гол за губење на титулата. Во мал милион наврати чешкиот голман ги осуети обидите на одличната навална линија на Манчестер Јунајтед и на некој начин им ја подари титулата на Роверси.
Крај на „Енфилд“, крај на „Аптон Парк“. На едниот семафор стои Ливерпул-Блекбурн 2:1, на оној во Лондон стои Вест Хем -Манчестер Јунајтед 1:1. Блекбурн Роверс е шампион на Англија! И со четвриот пораз во шестиот меч, Ширер, Сатон, Шервуд и екипата успеаа низ „иглени уши“ да стигнат до долгоочекуваниот пехар.
Најголемиот „потрес“ во историјата на англискиот фудбал се случува непосредно пред експанзијата на истиот во светски рамки, популаризацијата на Премиер Лигата и нејзиното освојување на пазарот. Теоретичарите на заговори ќе речат дека Роверси „ја купиле“ лигата, или пак челниците на ФА интенционално го направиле овој, за нив маркетиншки трик, но теориите се едно, а фактите друго. Таа сезона тимот на Далгиш играше навистина одличен фудбал, истиснувајќи го Алал Ширер како име за кое треба да се зборува и се зборува денес и освојувајќи 89 бодови. Едно е јасно, фудбалските романтичари ќе се држат до оваа историја, фактографска и поприлично бистра, а Блекбурн ќе остане запаметен како клуб што ги научи фановите повторно да се вљубат во фудбалот како таков.
Фото: pinterest.com / cnn.com
Видео: youtube.com
Давор Јосифоски