За разлика од фудбалската и кошаркарската федерација, ракометната федерација донесе одлука и тоа за поништување на сезоната 2019/20. Скоро двомесечната пауза поради пандемијата на коронавирусот, условно речено ги присили челниците на РФМ на ваквиот потег.
Како „мерит“ систем за одлучување кои екипи следната сезона ќе играат во ракометна Европа, Федерацијата нема да ја земе тековната постоечка табела од сезоната 2019/20, туку онаа од претходната сезона 2018/29.
Па така, двократниот европски првак Вардар и следната сезона ќе игра онаму каде што му е местото, во најдоброто ракометно клупско натпреварување. Еурофарм-Пелистер ќе аплицира за вајлд-карта во Лигата на шампионите, а доколку апликацијата не биде прифатена, ќе настапува во новото натпреварување Лига на Европа. Металург исто така ќе бара директно да се пласира во Лигата на Европа, а Бутел ќе се обиде преку квалификациите да обезбеди настап во неа.
За следната натпреварувачка сезона за Македонија се предвидени четири места во Европа. Истиот принцип ќе важи и за сениорската женска ракометна лига.