По два месеци прва венчавка во Кочани во корона услови – ММС
ММС

Објавено на: 05/13/20 9:35 AM

По два месеци прва венчавка во Кочани во корона услови

Подрачната канцеларија на Управата за водење матични книги од Кочани вчера попладне ја направи првата венчавка по прекинот од над два месеца по воведувањето на вонредната состојба во државата поради епидемијата од коронавирусот.

При венчавањето беа почитувани пропишаните мерки за здравствена заштита. Во салата за венчавки во Кочани,  присуствуваа само младоженците, двајцата сведоци и матичарот, за кои беа обезбедени маски и средство за дезинфекција.

– Од почетокот на вонредната состојба, односно од 6 март досега немавме ниту еден склучен брак, така што веќе закажаните венчавки беа одложени. Во меѓувреме имаше барања за венчавка на лицата кои поради остварување некакви законски права, заминување во странство или по други основи имаа потреба да склучат брак, па им дадовме приоритет. За оваа и за наредната недела веќе имаме евидентирано неколку пријави за венчавање и тие ќе бидат реализирани според распоредот што веќе се изготвува, истакна Косте Вучков, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење матични книги од Кочани.

Според Вучков, прекинот во регистрирањето бракови бил најдолг досега, со оглед што никогаш досега не се случило да нема најмалку две венчавки во текот на една недела.

Од увидот во евиденцијата на подрачната матична канцеларија може да се утврди дека просечно годишно во Кочани се склучуваат по околу 300 бракови, а од почетокот на оваа година досега имало само четириесетина венчавки. Со оглед што и понатаму остануваат препораките и мерките за заштита од Ковид-19, најверојaтно бројот на регистрирани бракови во општината ќе биде преполовен.