Фондацијата Отворено општество – Македонија повеќе од 27 години посветено работи на создавање динамично и толерантно општество во кое граѓаните се свесни и активни, а властите отчетни, општество во кое сите ќе имаат еднакви права и можности, во кое граѓаните иницираат промени, општество во кое се почитува различното мислење и се негува и развива критичката мисла.
Нашата долгогодишна поддршка за развој на граѓанското општество и демократските процеси во државата е со крајна цел промоција на вредностите на отвореното општество и таа ќе продолжи и понатаму, без разлика која партија или политичка гарнитура е на власт. Нашите вредности, залагања и нашата работа не зависат и нема да дозволиме да зависат од желбите и амбициите на поединци или политички групации, како и од неумесните изјави за дискредитација и етикетирање на граѓанските организации.
Фондацијата низ сите премрежја и кризи почнувајќи од 1992 кога земјата се соочуваше со затворени граници, преку годините во кои беше изложена и на прогон, па сè до последната здравствена криза, ги става на располагање сите свои ресурси, а сè со цел унапредување на отвореното општество и неговите вредности. Од 1992 до денес Фондацијата Отворено општество – Македонија континуирано вложува во демократизација на македонското општество и подобрување на животот на граѓаните, оддолевајќи на сите досегашни бројни обиди за дискредитација и етикетирање.
Нашата работа го издржува и ќе го издржи тестот на времето. Затоа, ние и понатаму ќе останеме посветени на промоција на вредностите на отвореното општество, будно ќе ги мониторираме властите и гласно ќе соопштуваме во функција на коригирање на нивните погрешни политики и активности кои ќе ги доведат во прашање демократските процеси. Продолжуваме со нашата поддршка на граѓанското општество со цел зајакнување на владеењето на правото, почитување и заштита на човековите права, слобода на говорот, младинската ангажираност, натамошен развој на граѓанското општество, унапредување на здравството и образованието, интеграцијата на Ромите и на другите маргинализирани заедници, поттикнување на борбата против корупцијата, но и пристап до правда за сите граѓани подеднакво.