Корона вирусот ни го ремети животот веќе трет месец. Едни се нервираат како да излезат од Македонија, други како да влезат. Еден таков пример е и пејачката Тања Царовска, која со ќерка и била шест месеци во Лондон и сега се враќа дома. Еве го нејзиното лошо искуство од патувањето од Лондон за СКопје. Во моментов, како што вели, е на граничниот премин Деве Баир во автобус, ќерка и не е добра со здравјето а не знае каде ќе ги носат. На Фејсбук го објави проблемот со кој се соочува, а кој ви го пренесуваме во целост:
Денес се вративме во Македонија. Во Англија јадевме надвор прв пат по 2 месеци зашто не можев да издржам веќе. И така, мојата ќерка се затру со храна од локално место за јадење, поради храна што не беше свежа, а веќе подолго време има проблем со синдром на раздразливи црева. Се затрув и јас, но фала на Бога, не до толку многу, па можев да се грижам за неа. Дури 72 часа беше многу болна и дехидрирана, едвај ја повратив од таа хорор состојба. Откажавме едно патување, па презакажавме. Беше малку подобра и синоќа решивме да тргнеме за Скопје зашто психички не се издржуваше веќе, сами во стан во кој немаме ниту балкон и далеку од сите блиските.
Се обратив до извори кои наводно имаат контакт со кризен штаб и ми најавија дека малолетни деца законски не одат во карантин туку во самоизолација. Ми дадоа имејл на кој треба да пишам и да се најавам. Им објаснив се во имејлот кој го пратив до кризен штаб. Напишав дека ќерка ми мора да биде на домашна нега и со домашна исхрана зашто се што ќе касне надвор е ризично. Не смее да јаде месо, млечни производи, глутен и јајца. Не смее ни салати подготвени во јавни установи.
Не добив никаков одговор. Денес пишав пак, кажувајќи дека е ургентно. Пак ништо.
Имаме празен стан во Скопје, сосема празен, само јас и ќерка ми живееме во него. Мајка ми живее на пет минути и можат да ни доставуваат домашна храна и да ни пазарат. Ги имаме сите услови! Плус – малолетни деца не одат во карантин! Таа информација ја добив и само затоа се нафатив да дојдеме!
Ќерка ми исто носи метални протези кои веќе 3 месеци не може да ги извади заради што бевме спречени да дојдеме, па и се прават рани и инфекции во устата и е во постојани болки. Протезите мора да и се извадат веднаш. Инаку, сосема сме здрави во секој друг аспект. Немаме никакви вируси ниту настинки!! Од јадењето по пат (приморани бевме да купиме фалафел во Софија) пак ја заболе стомак. Сега и се лоши. Како тоа детенце со хронични стомачни тегоби (со години) да јаде нечија храна три недели во карантин? Јас како мајка и ја контролирам храната максимално за да ја регулираме нејзината состојба и така е здрава!
Би сакала јавно да го запрашам кризниот штаб – зошто не ми вратија ништо? Па дури и негативен одговор? Дали можеби моето име намерно го игнорираа? Зашто инаку не сфаќам зошто. Нема ни едно друго дете во групава, еве влегуваме во автобус и не носат некаде а не знаеме ни каде. Вчера и пишав и на мојата братучетка, Мила Царовска, прв пат во живот и се обратив за помош. Не за протекции и врски. Сакав само да посочам да ми се разгледа и одговори на барањето на опширниот имејл, се работи за здравјето на моето дете! Не добив одговор. Сигурно е многу зафатена со поважни работи.
Денес слетавме во Софија и со влечење се префрливме преку граница, сосема сами со пет куфери. По шест месеци во Англија, решивме дека сепак сакаме да живееме во Македонија, зашто е дома.
Е па, добредојдовме дома. Ви благодарам на грижата.
П.С. Колку за инфо, никој овде во групава (полн автобус) нема симптоми на корона.