Се реновира касарната во Куманово за да ја пречека Командата на Бригадата на Југоисточна Европа – ММС
ММС

Објавено на: 05/12/20 12:29 PM

Се реновира касарната во Куманово за да ја пречека Командата на Бригадата на Југоисточна Европа

Кумановската касарна „Боро Менков” од септември ќе биде домаќин на Командата на Бригадата на Југостична Европа, која цели шест години ќе биде сместена во Македонија. За таа цел Министерството за одбрана започна реконструкција на стара зграда во кумановската касарна која ќе биде седиште на оваа бригада, а денеска увид во градежните работи направи министерката Радмила Шекеринска.

Како што рече таа, станува збор за една од најсилните реигонални иницијативи кои со околу четириесетина припадници на вооружените сили на земјите членки ќе биде стационирана тука во Куманово.

Во годината кога станавме земја членка на НАТО стануваме и домаќин на оваа важна регионална иницијатива и очекуваме сите подготовки за командата да бидат завршени уште во јуни за да можеме да го официјализираме почетокот на нашиот мандат како домаќин на Бригадата, кога командата ќе замине ова ќе биде обновен објект на нашата армија и ќе биде дел од реновирањето на објектите кое го стартувавме минатата година, изјави Шекеринска.

Со оглед дека станува збор за објект изграден пред околу еден век, истиот ќе го задржи автентичниот изглед, а како што информираше министерката целта е стариот објект да понуди нови квалитети и во поглед на материјали и во поглед на работа.

– Прво тука ќе работи Командата, мораме да обезбедиме услови за состаноци, канцелариска работа, услови за исхрана, меѓутоа сакаме да направиме и објект кој понатаму армијата ќе си го користи и по малку како репрезентативен, тука да ги организираме сите настани на Командата за операции и нема човек што не искоментирал дека навистина се работи за интересен објект и објект кој треба да го сочуваме, изјави Шекеринска.

За реконструкцијата на стариот објект ќе бидат потрошени 47,8 милиони денари, односно 780 илјади евра буџетски средства.

Командата на Бригадата на Југостична Европа е формирана во Скопје во 1998 година, а во неа членуваат воените сили на Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција.

Паралелно со оваа реконстукрција, како што напомена министерката Радмила Шекеринска, во Армијата течат четири големи реконструкции на објекти. Се реновираат и три објекти во касарната Илинден, а при крај е и обновувањето на водоводната мрежа во Штип, додека пак во Прилеп се започнува нов проект во тамошната касарна.

Никола Ивановски