Крајот на фудбалските сезони во секоја лига на светот, без исклучок, е највозбудливиот дел од фудбалската календарска година. Низ децениите проткаен со неверојатни пресврти, моменти, голови, потези, голови во последни секунди од мечот, одбранети пенали, црвени картони.
Полуфиналниот натпревар од плеј-офот во Чемпионшип, одигран на 12 мај 2013 година, без сомнение е еден од најепските фудбалски, но и спортски моменти, кои и ден денес и за 50 или 100 години, одново и одново ќе се прераскажуваат. И со право. Бидејќи она што се случи тој ден на „Викариџ Роуд“, стадионот на Ватфорд, тешко се опишува со зборови.
Плеј-оф мечевите во втората по квалитет најдобра лига во Англија, отсекогаш имале голема важност, но и некој посебен шарм. Дуели за вистински сладокусци. За разлика од оптеретеноста на премиерлигашите со новите фудбалски трендови, начини на игра и тактики, во Чемпионшип се чини дека сè уште се држат до корените и го негуваат тој „вистински англиски фудбал“. Долги топки, безброј стартови на и без топка, огромно физичко присуство, воздушни дуели, по некоја пукната аркада, глава и песна од трибините 90 минути без прекин.
Но, важноста на плеј-офот не се состои само во овој сегмент. Плеј-оф мечевите се одлична прилика за екипите кои не завршиле на првото, односно второто место во Чемпионшип, а ги зазеле позициите од третото до шестото место, да се промовираат во елитата. Влогот станува поголем, дотолку повеќе што финалниот натпревар на плеј-офот се игра на легендардниот „Вембли“, а наградниот фонд изнесува не помалку од 100 милиони фунти.
Колку за илустрација, во 2018 година кога Фулам со голот на Том Кирни ја совлада Астон Вила со 1-0, клубот заработи 174.8 милиони фунти за следните три сезони, или, дупло повеќе одошто требаше да заработи Ливерпул, доколку го победеше Реал Мадрид во финалето на Лигата на Шампионите. Кам-бекот во Премиер Лигата на малиот лондонски клуб му донесе 94.7 милиони фунти, кои Фулам во летниот трансфер период ги искористи за доведување на нови аквицизии. Дури и Фулам да испадне од лига, како што тоа и се случи, сумата предвидена за три следни сезони останува идентична и тимот ќе ги има на располагање тие финансии.
Во првите 90 минути на „Кинг Пауер“ во Лестер, погодокот на Дејв Наџент му донесе предност и победа на домаќинот пред реваншот за три дена на „Викариџ“.
Три дена подоцна – спектакл. Со голот на чешкиот репрезентативец Матеј Видра, Ватфорд инстантно ја анулираше предноста на гостите. Радоста не траеше долго, бидејќи Дејв Наџент повторно беше кобен за одрбаната на „пчелите“. Чешкиот напаѓач го врати тимот на Џанфранко Ѕола во игра со голот во 65 минута и оттогаш се чинеше дека резултатот ќе остане непроменет, а Лестер ќе се најде во големото финале на „Вембли“.
Се до судиското продолжение, кое беше продолжено за неколку минути, иако четвртиот судија покажа дека ќе се доиграат само четири минути. Главниот арбитар Мајкл Оливер, стартот на дефанзивецот на Ватфорд, Касети, го окарактеризираше како прекршок за пенал. Дејв Наџент во 96 минута од натпреварот ја имаше шансата да стане апсолутен херој на неговиот тим и да го оконча полуфиналниот дуел. Поранешниот голман на Арсенал, Мануел Алмунија, ја презеде улогата на херој и го одбрани неговиот удар од 11 метри. Одбранетата топка играчите на Ватфорд ја исфрлаат од шеснаесетникот и наеднаш се создава одлична можност за контра, неколку секунди подоцна одлично реализирана од капитенот Трој Дини, кој во 97 минута го постигнува легендарниот гол за 3-1 и закажува финале со Кристал Палас.
За жал, овој неверојатен блицкриг, фудбалерите на Ватфорд не успеваат целосно да го валоризираат, губејќи го финалето од Палас и останувајќи во втората лига уште една сезона, пред Славиша Јокановиќ да ги промовира во Премиер Лига.
Впрочем, залудно е да се трошат зборови. Погледнете сами и посведочете уште еднаш на „најлудите“ последни минути во историјата на овој спорт.
Фото: zimbio.com / bristolpost.co.yu / fidar.rw
Давор Јосифоски