Поради пандемијата нема туристи, па камилите и коњите во Кападокија уживаат на пасиштата – ММС
ММС

Објавено на: 05/11/20 9:39 AM

Поради пандемијата нема туристи, па камилите и коњите во Кападокија уживаат на пасиштата

Коњите и камилите што се користат за туристички тури во регионот на Кападокија во Турција, поради пандемијата на коронавирусот речиси и да немаат никаква работа, па овие денови одмораат во тишината на пасиштата, пишува агенцијата Анадолија.

Сопствениците овој викенд ги пуштија коњите и камилите на локалните пасишта да се одморат и да се подготват за деновите кога на оваа природна атракција ќе почнат да пристигнуваат туристите.

Мехмет Учман, сопственик на локална компанија што организира туристички тури, во разговорот за АА изјави дека регионот на Кападокија сега е мирен затоа што речиси и да нема никој.

Истакна дека наскоро очекува животот да се врати во нормала и да почнат да пристигнуваат туристите како во претходните години.

Тој додаде дека дотогаш неговите коњи можат мирно и безгрижно да уживаат во прекрасните пасишта.

Кападокија многумина ја сметаат за срцето на регионот Анадолија, а целата област е позната по своите конусни камени столбови и другите карпести форми, кои стојат целосно независно во просторот, пркосејќи им на силите на гравитацијата.

Кападокија е позната низ целиот свет по своите камени „оџаци“ и другите природни структури кои наликуваат како да се дел од детска фантазија, како и по утринскиот лет со балон над единствениот пејзаж во кој луѓето со илјадници години наоѓаа прибежиште и духовна сила.