Македонскиот полициски синдикат (МПС) од името на сите вработени во Министерството за внатрешни работи апелира до лидерите на верските заедници и сите граѓани да се воздржат од организирање на верски манифестации, настани или да поттикнат собирање на граѓани и на каков било друг начин да не се почитуваат донесените мерки за заштита од Ковид-19.
– Изминатите три месеци, заедно со здравствените работници деноноќно работиме на ваша заштита, на заштита на вашите и наши семејства Постапувавме со грижа кон секој од вас и со подадена рака да си помогнеме едни на други, се вели во соопштението од Македонскиот полициски синдикат.
Оттаму апелираат на воздржаност од непочитување на мерките, како и од повик на собири и други облици на загрозување на здравјето на граѓаните.
– Не заборавајте и ние сме луѓе, и ние сме нечие семејство, не го загрозувајте нашето здравје и здравјето на вашите и нашите семејства со непочитување на мерките. Вработените во МВР вложија многу во овој период, ги ризикуваа животите, дел и заболеа од вирусот. Да не дозволиме ширење на вирусот и загрозување на здравјето на сите граѓани, да ги почитуваме мерките и заедно да бидеме победници, додаваат во соопштението.
МИА