Не умира секој кој има корона од корона, нови откритија на геманските патолози – ММС
ММС

Објавено на: 05/7/20 9:25 PM

Не умира секој кој има корона од корона, нови откритија на геманските патолози

На Патолошкиот институт на Универзитетот “Лудвиг Максимилијан”  во Минхен направена е обдукција на петмина пациенти кај кои постоело сомнеж дека имаат ковид-19. Тројца навистина биле заразени со корона вирусот, но не сите починале поради тоа. Директорот на институтот, патологот Томас Кирхнер, објасни за “Фокус” што откриле за време на обудукцијата и зошто е неопходно внимателно да се проучи секој поединечни случај.

Алвеолите како “покриени со тапети”

Новиот корона вирус ги оштетува белите дробови, а типичните промени стручњаците ги нарекуваат “дифузни оштетувања на алвеолите”.

– Доаѓа до воспаление  на ѕидовите на белодробните алвеоли, кои се исполнуваат со протеинска супстанца која делува како од внатре да е покриена со тапети – објаснува Кирхнер.

Преку белодробните алвеоли кислородот доаѓа до крвта,но тоа не е возможно ако се исполнети со леплива супстанца. Последица од тоа е воспаление на белите дробови, кое предизвикува оштетување на органите, но можни се и други промени.

-Еден од пациентите кои го прегледавме починал од белодробна емболија, предизвикана од ковид-19. Видовме дека инфекцијата го забрзува згрутчувањето на крвта, што предизвикува воспаление на крвните садови, па помалку крв доаѓа до белите дробови, а со самото тоа и помалку кислород во крвта – објаснува стручњакот.

Воспалението ги зафатило не само белодробното ткиво, туку и внатрешноста на различни крвни садови, што понатаму предизвикува пореметување на крвотокот и оштетување на погодените органи. Вирусот примарно ги напаѓа белите дробови, но патолозите заклучиле дека кај заболените од ковид-19 може уште повеќе да се зголеми процесот на згрутчување на крвта, предизвикувајќи оштетување на другите органи.

– Крвните згрутчувања или тромбови, можат да предизвикаат тешки оштетувања на другите органи, вели Кирхнер.

Една од последиците е ендотелиалитис, воспаление на внатрешниот омот на крвните садови.  И тука се создаваат згрутчувања, предизвикувајќи пореметување на циркулацијата и оштетување на органите, не само во белите дробови, туку и на срцето и бубрезите – вели Кирхнер.

Што ги изненади патолозите?

На прашањето дали патолозите нешто посебно ги изненадило во текот на обдукцијата, стручњакот одговорил дека тоа е случајот со пациентката која била позитивна на ковид-19 а починала од белодробна емболија.

– Клиничката обдукција покажа дека емболијата не била непосредно поврзана со ковид-19, за разлика од пациентот  кај кого белодробната емболија недвосмислено била предизвикана од инфекција на ковид-19. Тоа покажува колку е важно да се следи секој случај сам по себе и детално да се анализира, за да точно се знае од што пациентот навистина починал. Не умира секој кој има корона од корона – истакнува Кирхнер.

Дилема: Смрт “од” корона вирус или “со” него?

Прашањето дали пациентите умираат “од” корона вирусот, или “со” корона често е тема за расправа, па со самото тоа се наметнува прашањето на влијанието на заболувањето кое пациентот веќе го имал. Врз основа на обдукцијата на троица пациенти, Кирхнер и неговиот тим, заклучиле дека двајца навистина починале  “од” корона, со тешко оштетување на белите дробови и како последица од формирање на згрутчување.

– Кај нив болеста не само што го оптоварила имунолошкиот систем, туку била и вистинската причина за смртта– објасни Кирхнер и додаде дека станува збор за луѓе на 81 и 91 година, кои покрај тоа имале и  артериосклероза, но таа не била причина за смртта.

– Ова веројатно важи за повеќето случаи кои сега ги гледаме по болниците. Пациентите, кои биле на интензивна нега и таму починале, главно имаат промени на органите предизвикани од ковид-19 – вели Кирхнер.

Обдукција на починати во и надвор од болниците

Патологот Клаус Плишел од Хамбург направил обдукција на околу 100 починати од корона вирусот, а резултатите покажале дека сите веќе имале други болести и дека идната година би починале од нив.

Кирхнер вели дека овие резултати треба да се гледаат на поинаков начин, бидејќи Плишел на барање на здравствената управа направил обдукција на сите пациенти за кои е утврдено дека боледувале од ковид-19, значи и на оние кои починале дома или во домовите, а не само во болници.

– Ова би можело да објасни зошто таму само кај мал дел од пациентите се најдени тешки оштетувања на органите предизвикани од ковид-19,  кои на крајот предизвикале смрт.  Ако биле прегледани само тешко болните пациенти на интензивна нега, сликата би била потполно поинаква. Тогаш кај многумина би биле најдени тешки оштетувања предизвикани од ковид-19, вели  стручњакот.

Текст: blic.rs

Фото: vecernji.hр/