Нелегалната сеча на дивократците со години ги пустошат македонските шуми, оваа проблематика претставува рак – рана на македонското општество. Актуелноста на темата е најчеста во пресрет на грејната сезона кога сечата зазема поголем замаф, а надлежните институции како со тешко срце да се борат против тоа. Чести се и случаите во кои лицата кои се вработени во институции надлежни да вршат надзор, контрола и да санкционираат да бидат тие истите кои ќе влезат во „црниот“ бизнис на нелагална сеча и препродажба на дрва. Најчестите причини за овој бизнис да цвета е поефтината цена на дрвата за кои сопстевникот нема ниту документ ниту жиг за нивното потекло.
Првиот Национален парк во Македонија, Пелистер со вкупна површина од 17.150 хектари е со непроценливо изобилие на најразлична флора и фауна. На овој планински зелен смарагд растат 88 дрвни видови, што претставува 29 отсто од вкупната дендрофлора на нашата земја. Плодна почва за да се развие нелегалната сеча, да се појават дрвокрадци, а со тоа и коруптивни зделки за свој личен профит.
На 21- ви јануари 2019 година Основниот суд во Битола донесе пресуда за службено лице – командир на Одделението за шумската полициска станица во Битола при Министертсвото за земјоделство, шумарство и водостопанство кој е обвинет за кривичното дело „примање поткуп“ од член 357 став 1 од Кривичниот законик. (К-580/18)
Битолчанецот Л.Ј своевремено како командир на Шумската полициска станица во Битола во текот на месец октомври 2018 година, директно побарал за себе од сведокот Б.Т пари во вредност од 30.000 денари, за во рамките на своето службено овластување да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши – односно да се откаже од поднесеното барање за водење прекршочна постапка по член 69 од Законот за шуми, против сопругата на сведокот Б.Т и правното лице ДООЕЛ „Т.С товарен патен транспорт“, поднесено од обвинетиот до Основниот суд во Битола (ПРК О – 173/18), по кое барање на 26- ти октомври 2018 година во судот било закажано рочиште. По што на истиот ден околу 14 часот во просториите на Основниот суд во Битола примил од сведокот 20.000 денари, во банкноти од по 2.000 денари претходно фотографирани од страна на овластените службени лица на СВР Битола, а потоа пронајдени при личен претрес кај обвинетиот, непосредно по нивното предавање во просториите на Основниот суд Битола.
Адвокатот на бранителот Жарко Стеваноски од Прилеп, потврди дека постапката завршила со признание на кривичното дело од страна на обвинетиот.
„Првично постапката е започната со поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка против правен субјект за прекршок од Законот за шуми и против сопругата на сведокот во случајов, правното лице „Тодоровски Смилевски“ дека без товарен патен налог пренесувал дрва во Битола. Врз основа на тоа сопругот на управителот на правниот субјект пријавува во МВР – СВР Битола дека службено лице му бара одредена сума на пари за да ја запре прекршочната постапка. Односно во прекршочната постапка која се води при Основен суд Битола да даде конкретна изјава, а врз основа на тоа издадена е наредба за спроведување на посебна истражна мерка симулирано давање и примање на поткуп, врз основа на кој е извршен и претрес врз обвинетиот и каде се најдени паричните средства кои симулирано му биле предадени на обвинетиот“, изјави Стеваноски, кој додава дека врз основа на тоа Основното јавно обвинителство поднело обвинителен акт (КО бр.701/18) од 30 ти ноември 2018 година, и уште од почетокот, на обвинетиот му била определена мерка притвор иако имало одредени аргументи во корист на обвинетиот во текот на постапката. Неспорни биле доказите на јавното обвинителство и постапката завршила со признание на кривичното дело „примање поткуп“ од страна на обвинетиот.
Комадирот од шумската полиција, сторил кривично дело „примање поткуп“, па согласно цитираната законска одредба и одредбите од членовите, 32, 33, 34, 35, 39, 40 и 41 став 1, точка 4 од Кривичниот законик, тој е осуден на казна затвор во траење од 2 години и 3 месеци.
Според пресудата донесена на 21 ви јануари 2019 година, во постапката за признание на вина, обвинетиот командир на шумската полиција изнел дека не се чувствува за виновен за кривичното дело за кое се товарел.
На кривичното дело „примање поткуп“, од страна обвинетиот како командир на шумската полиција во Битола му претходело поднесено барање за поведување на прекршочна постапка против фирмата ДООЕЛ „Т.С товарен патен транспорт“ која се занимава со превоз на дрва и песок и одговорното лице во фирмата Љ.Т како обвинети за прекршок од член 69, казниво по член 103 од Законот за шуми. Барањето за поведување прекршочна постапка (бр.21-266/1) до Основниот суд во Битола било испратено и примено на ден 15 ти август 2018 година. Во фирмата бил и вработен Б.Т кој се појавува како сведок во овој случај, а воедно сопруг на одговорното и раководно лице во во фирмата ДООЕЛ „Т.С товарен патен транспорт“, Љ.Т. Во текот на месец октомври 2018 година, обвинетиот – командир во оддлението за шумска станица во Битола, директно побарал за себе од сведокот Б.Т пари во вредност од 30.000 денари, за во рамки на своето службено овластување да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши – да се откаже од поднесеното барање за водење прекршочна постапка. Односно обвинетиот, на фирмата и сопругата на Б.Т како основач на фирмата им напишал пријава во текот на летото 2018 година, иако за тој настан поседувал испратница во која бил наведен и како испраќач и како примач. Подоцна Б.Т со обвинетиот се сретнале во ресторан, за да го ослободи. На што обвинетиот му побарал 18 метри кубни дрва, за на крај да се договорат да му даде 30.000 денари, од кои 20.000 денари пред судењето и 10.000 денари после судењето. По поднесеното барање за прекршок до Основниот суд во Битола била почната прекршочна постапка, а на ден 1 ви октомври 2018 година било закажано рочиште на кое не биле присутни претставникот на поднесителот ниту обвинетите, со што рочиштето било одложено за на ден 26 ти октомври 2018 година.
На рочиштето во истиот тој ден во попладневните часови во просториите на Основниот суд во Битола, обвинетиот командир примил од сведокот 20.000 денари, во банкноти од по 2.000 денари, кои претходно биле фотографирани од страна на овластени службени лица од СВР Битола, а потоа при претерес кај обвинетиот, непосредно по нивното предавање во просториите на судот, биле пронајдени. Со потврда за вратени предмети од истиот ден му се вратени парите заради спроведување на ПИМ „Симулирано давање и примање поткуп“.
Парите на обвинетиот командир во шумската полиција му биле дадени од страна на сведокот Б.Т во тоалетот на спратот на кој била и судницата бр.26 каде требало да се одржи судењето. Б.Т му дал 10 банкноти од по 2.000 денари кои обвинетиот Л.Ј ги ставил во џебот од палтото. Претходно сведокот пријавил во полиција, а парите кои му ги дал биле негови, претходно обележани од страна на полицијата.
Од анализата и синтезата на сите докази, во пресудата од судот стои дека судот е сигурен дека обвинетиот Л.Ј со преземените дејствија на критичниот ден, време и место и со начинот наведен како во описот на дејствието во изреката на пресудата ги сторил основните обележја на кривичното дело „примање поткуп“ од член 357 став 1 од КЗ за кои се товари, заради што истиот го огласил за виновен и го осудил на казна затвор во траење од две години и три месеци.
Бранителот – адвокат на обвинетиот командир од шумската полиција, Жарко Стеваноски вели дека постапката е правосилно завршена.
„Правосилно е завршена постапката не сум во последно време во контакт со мојот клиент не знам дали ја има издржано казната во целост, обжалена беше првостепената пресуда и потврдена од страна на Апелациониот суд“, изјави Стеваноски.
Во коруптивното дело „примање поткуп“ на службено лице за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши односно да не изврши службено дејстви што службеното лице бил должно да го изврши, важен елемент е самото службено дејствие кое треба да биде во рамките на службените овластувања кои ги има тоа службено лице. За ова корумптивно кривично дело, кривичниот законик предвидува казна од четири до десeт години.
Од анализата на ризикот за корупција произлегува дека при вршење на работата на полициските службеници има ризици од корупција заради неприменувањето на правната регулатива и деталните процедури на работа. Интегритетот на полициските службеници е клучен фактор дали ќе се случи корупција или не. Корупцијата во полицијата најчесто се оценува како „ситна“, односно не опфаќа високи износи на поткуп и подароци кои се во вредност помала од пропишаните казни, но честата нејзина појава доведува до висок кумулиран ефект на загуба на приходи од казни во централниот буџет.
Платата која во моментов на шумските полицајци изнесува 18 илјади и 200 денари, се посочува како еден од факторите за поттик на корупцијата во шумската полиција.
Криминалот и корупцијата во шумарството се дотолку развиени што на оваа индустринска гранка и нанесуваат тешки последици. Развиената т.н „шумска мафија“ и дрвокрадците во одредени региони од земјата е поголема дури и од легалната сеча на дрвата. Се проценува дека токму во овој криминален бизнис се вртат големи финансиски средства, што дури и човечкиот живот е поефтин од самото дрво. Најдобар пример за тоа е убиството на 34 годишен службеник од шумската полиција во 2009 година на планината Китка, за што како мотив МВР посочи дека е освета за одземени дрва ден претходно кога диви дрвокрадци биле пресретнати од посебната единица при МВР.
Во изминатите пет години поднесени се 150 пријави против 264 службени лица, од кои седумина се полициски службеници, а другите вработени се во шумската полиција, министертсвото за земјоделство, шумарство и водостопанство и националните паркови, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Корумптивни дела на индивидуи или организирани групи, често се случуваат во еколошкиот криминал, но ретко кога може тоа да се докаже иако во истиот вклучени се и државни органи. Марина Малиш Саздовска редовен професор на Факултетот за безбедност и експерт за еколошки криминал, вели дека криминалот со дивото сечење на дрвата е многу симптоматичен заради начинот на извршување, бидејќи станува збор за габаритна стока.
„Станува збор за многу голема количина на дрвна граѓа, која вие не можете да ја транспортирате од местото на дрвосечењето до местото на продажбата и да не биде забележано од надлежните органи. Тоа се шумски патишта, но по тие шумски патишта се во шумите, но потоа робата треба да се симне во селото или градот и да се продаде, е тука доаѓа моментот каде шумарските служби и МВР преку нивните сообраќајни патроли и останатите надлежни органи може да делуваат на патиштата каде што се транспортира таа дрвена маса и после до моментот на продажбата“, вели Малиш, која додава дека во моментот на транспортот на дрвната маса доаѓа до моментот на корупција.
„Тоа значи дека корупцијата во одреден дел е застапена заради тоа што таа дрвна маса мора да се транспортира од шумата до местото на продавање и да се избегнат тие контроли од било кои надлежни органи. Се дава мито или корупција на дадениот службеник кој се наоѓа во дадените региони. Исто така овој криминал е поврзан и со кривичното дело перење на пари, значи тој незаконски профит кој што е стекнат вие понатаму ќе мора да го пуштите во оптег на економскиот тек на државата што значи дека делумно и тоа кривично дело се извршува. Што значи дека ова кривично дело само за себе е многу голем проблем, меѓутоа со поврзувањето со останатите кривични дела и се неминовни за да се реализира ова пустошење на шума станува проблем во нашето општество“, изјави професорката Малиш.
Обвинителството и судството, смета Малиш дека не се свесни колку овој криминал е сериозен, бидејќи казнената политика од страна на јавните обвинители и судии е блага.
„Таа блага казнена политика се согледува во тоа што немаме казни од затворски тип туку претежно казните се парични или со условна осуда. Тоа е важно затоа што самите сторители не се демотивираат за вршење на кривични дела во иднина, туку напротив бидејќи немаат казна која што е адекватна за нивното кривично дело тие се повторници односно повторно го извршуваат тоа кривично дело токму заради благите казни“, вели професорката.
Од месец јануари до септември 2019 година до Основните јавни обвинителства во државата од страна на Секторот за шумска полиција биле поднесени 107 кривични пријави, донесени биле 484 пресуди од основните судови со кои се изречени казни од околу 374.000 евра , а при самите шумски акции одземени се 1800m3 дрва, 39 камиони, 153 автомобили и 12 трактори.
Загрижувачки се вели професорката Малиш, организираните криминални групи кои организирано вршат пустошење на шумата.
„Она што во нашата држава е проблем е тоа што овие организирани криминални групи фактички користат и во одредени ситуации и огнено оружје и не се органичуваат дури и да го употребат. За жал во минатото во нашата земја имавме двајца шумски чувари кои беа лишани од слобода од кумановкско – липковскиот крај и еден полицаец кој што исто така беше убиен на планината Китка, со што зборува за сериозноста на овие криминални групи од една страна, меѓутоа и за високиот профит кој што го оставруваат, за што се прунудени на вакви модуси односно начин на вршење на кривично дело, каде што применуваат дури огнено оружје за нивна заштита“, изјави професорката на Факултетеот за безбеднсот и експерт за еколошки криминал, Марина Малиш Саздовска.
Здружението кое се залага за заштита и развој на Националниот Парк Пелистер „Бесплатен Национален Парк Пелистер“ на социјалните мрежи постојано објавуваат фотографии со бесправна сеча на дрва. Примерот од декември објавен на нивната фан страница преку фотографии укажува дека кај местото викано Цапарска Пресека не може да се долови состојбата од слики за пустошот кој бил направен на оваа планина.
„Секојденевно по минумум 50 кубици борово дрво завршуваат по пиланите. Камион секој ден прави по 2-3 тури со долги широки трупци“, стои во нивната објава на „Беспалтен Национален Парк Пелистер“.
Како здружение бараат одговорност од управата на Националниот Парк и јавно да се произнесат, а од надлежните бараат да се истражи целиот случај и соодветно да постапат. Во постот наведуват дека ова не е прв пат да се прави пустош во Националниот Парк Пелистер, тие како здружение неколку пати алармирале за сечата на ендемскиот вид молика. Исто така постојано испраќаат прашања до надлежние институции зошто се сечат дрва во Национален Парк Пелистер, кој ги сече, кога се сечени и каде завршуваат тие дрва, но никогаш не добиваат одговор.
Но не е само Пелистер, реакции за големи опустошени шумски површини има од шумите на Шар Планина, Скопска Црна Гора, планината Плачковица, Велес, Штип.
Дивата сеча и односот кон шумите особено во Битола е катастрофа, вели Душко Груевски граѓански активист. Не доволните човечки и финансиски ресурси на шумската полиција ги посочува како слаба алка во проблематиката.
„Битола мислам дека посебно под пелистерието тешко дека некогаш ќе се справи со тој проблем се додека ресурсите, човечки и финансиски на оние кои треба да се справат со тоа не добијат поголемо внимание и поголем буџет. Мислам дека ние работевме на тој проблем, и се појавија некои шпекулации, но и се покажуваа некакви фотографии дека многу од квалитетното дрво како граѓа се носи во соседна Грција. За ова немавме конкретни докази и не можевме некој конкретно да гониме, но дивата сеча е еден од многуте големи проблеми особено во општина Битола“, вели граѓанскиот активист Груевски.
Ниската плата на службениците во шумската полиција ја смета како потенција, зошто со дивата сеча се појавува мито и корупција.
„Ако вие имате шумска полиција во која вработениот зема под просечен државен месечен хонорар или просечна плата можете да замислете што може да се направи со малку пари да се потплати да се замижи пред таквата дива сеча. И сето тоа понекогаш ве тера да се запрашате дали воопшто 30 години оваа држава оди на прав пат, бидејќи не гледате начин како да се реши. Да има мито и корупција само во тој проблем, во проблемот со шумите лесно ќе се реши. Но тој круг е некако магепсан, како сите да се подмитени, тој дрвокрадец или таа мафија добро знае каде да „подмачка“ народно кажано за да може да го направи она што го наумил“, изјави Груевски, кој додава дека потребно е строга контрола и да учиме од земјите кои се пример како се справуваат со истата проблематика.
Вели секаде во светот постојат мафии, но тие се маргинализирани и обичниот граѓанин не ги забележува, но кај нас тоа е поинаку.
„Кога ние живееме тука и гледаме пред очи како со трактори, камиони, со автомобили и приколки се носат необележани дрва некаде од шума и на тој човек никој ништо не му може или ја потплатил полицијата или не го забележала, тогаш ќе ви стане јасно дека вие сте апсолутно исправени пред неправдата и не можете ништо. Не сакам да шпекулирам но само ќе го кажам она што го слушаме иако тоа може да се класифицира како шпекулација, многупати слушаме дека и огревното дрво кое се продава од самите компании од самото шумско претпријатие многупати е на нечесен и некоректен начин искористено и донесено до домаќинставата што претставува еден друг проблем кој го тангира загадувањето“, појаснува Душко Груевски, граѓански активист.
За проблемот со дрвокрадците во месец октомври минатата година (09.10.2019) тогашниот премиер Зоран Заев информираше дека 40 отсто од огревното дрво што се користи во земјава е украдено.
„Правиме секаков вид процедури и постапки за фаќање на дивокрадците. Еден дел од постапките и предметите во судовите е токму за крадење дрва. Се одземаат самари, коњи, запрежни коли, трактори, има и со шлепери. Правиме напори на сите страни, работиме со народ. Сите стратегии и аспекти на државата, како Влада, како парламент, институции се до крај откоренување на ова криминално дејствување на поединци во државата“, изјави на 9 ти октомври 2019 година, поранешниот премиер Зоран Заев.
Експертите велат дека кога станува збор за криминални групи корупцијата и самото криминално дело е многу тешко да се докаже од аспект дека има одредена хиерархија и подмитување на одредени припадници на државни органи, и токму затоа пак потребно е да се применуваат посебни истражни мерки. Експертите за еколошки криминал тврдат дека за сузбивање на криминалот со дивата сеча потребно е професионално, стручно и ефикано применување на мерките. Потребна е системска акција на сите надлежни органи со примена на сите алатки кои што им стојат на располагање во сферата на полициското работење, меѓу кои и посебните истражни и најсофистицирани мерки за применување кои можат најмногу да дадат резултат. На тој начин, велат може да се докаже корупцијата и да се изнесат пред лицето на правдата сите сторители. Делувањето да биде превентивно, а особено во делот на надлежните органи каде припадници на безбедносни или други служби на државата, кои се вклучени во редовните криминални активности, со тоа велат позитивно ќе се влијае за сузбивање на криминалот во тие редови меѓутоа и општо на ниво на целата држава.
Непланската сеча на шумата придонесува за менување на микроклимата во одделени подрачја, а со тоа се зголемува ризикот и оапсноста од појава на поплави и свлечишта. Влијае на зголемување на загадувањето воздухот, со оглед на тоа што на една исечена шума и се потребни децении за да се одбнови, тогаш оправдани се стравувањата дека загадувањето ќе расте.