Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот”, од Велес го најави пионерскиот интернет проект „Тој и Таа”, производ на културата во време на физичка изолација, единствен од својот вид, креиран преку интернет комуникација.
Од технолошки аспект, проектот е изведен на тој начин што: пробите се изведуваат „онлајн”, потоа, актерите се снимаат себеси (најчесто со своите мобилни телефони) и на крајот, во процесот на монтажа, се обликува видео дијалогот. Приказната ја носат шест парови чии меѓусебни односи интермедијално се поврзуваат во единството на карантинската приказна.
„Тој и Таа” е единствен производ од својот вид. Предвидени се дванаесет епизоди кои театарот еднаш седмично, во ист термин, почнувајќи од сабота, 09.5.2020 во 20:00 часот ќе ги поставува на својата официјална веб страница www.teatarveles.mk
Режијата на проектот ја потпишува Деан Дамјановски, драматургијата Сашо Димоски, а видеодизајнот и монтажата Филип Коруновски. Во проектот учествуваат актерите: Благојчо Стојанов, Талија Настова, Васил Зафирчев, Славица Манаскова, Самоил Стојановски, Маја Љутков, Зорица П. Панчиќ, Симона Димковска, Слободанка Чичевска, Жарко Спасовски, Исидор Јованоски и Кети Борисовска.