Ѓурѓовден е празник кој се однесува на здравјето во домот, мажење и женење на младите, плодност во полето и на стоката. Црквата, пак, овој ден го одбележува погубувањето на Св. Ѓорги Победоносец, кое се случило на 23. април 303. Година, според стариот календар. Ова е празник, чие славење носи многу народни обичаи, како што се плетењето венец, миењето со билки, како и капењето во река. Ова значи и збогување со зимата и будењето на вегетацијата и животот воопшто.
Едно од обичаите е навечер, во очи празникот некој од домашните да набере зелени гранчиња врба и со нив да ги накити вратата, прозорите и капијата. Тоа означува дека цела година во домот ќе има бериќет, здравје, род и дома и во поле. Младите на овој ден се опашуваат со гранчиња од врба за да бидат напредни, се китат со венчиња од здравец, за да бидат здрави, адет е да се опечат со коприва, за да ги опечат болестите во нив и да пијат вода низ цевче од силина, за да бидат силни. Овој ден не треба да спиете, за да не ве боли глава.
Се смета дека на Ѓурѓовден делуваат вештерки и некои други зли сили, па среде село се палел голем оган за да се заштити селото и жителите во него. Многу од обичаите се прават пред да изгрее сонцето и тоа најчесто крај река, што на некој начин значи правење магија.
Жените и девојките носат вода од воденичен камен за да од нив се истресе и отпадне секое зло. Некогаш во средниот дел од тркалото на запрежната кола, подоцна во некој сад се ставале различни билки и вода од вечер, па утредента кој како ќе се разбуди најпрво пие од водата и се замиваат под таа вода покрај некое цвеќе или покрај силината, билка која најчесто расте крај бунарите.
За да стоката биде плодна, најчесто жените се соблекувале голи и се „беселе“ на вратата кај што им спиела стоката. Тоа е еден од најстарите обичаи и се верува дека со тоа нема да им се одземе млекото на кравите.
Се верувало и дека ако на Ѓурѓовден времето е ведро, тогаш годината ќе биде плодна, но ако ден после празникот падне дожд, тогаш летото ќе биде сушно. Ако пред Ѓурѓовден загрми, тогаш голем ќе биде товарот на житото таа година. Друг обичај е со набраните билки утрото да се накрми стоката, за да биде здрава.
Се береле билки, за кои се верувало дека имаат моќ на магија, како кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл. Со леска се запотнувале нивите, леите, куќите плевните. Леската, според народното верување, заштитник од град и гром. Во леска гром не удира бидејќи Господ ја благословил, туку во дрво под кое седи ѓаволот.
Интересен обичај на овој ден е лулањето на зелени гранки, се врзува јаже и преку целиот ден се нишаат децата, девојките и момчињата, па и невестите.
На овој ден рано во зори се пука од пушка за да се избркаат болвите, луѓето се мерат на кантар, девојките си ги мачкаат косите со јајце за да им бидат полни и густи како јајцето и гатаат за да го дознаат идниот брачен другар.
Ова се само дел од вообичаените адети, но во секое место има уште толку различни други и се со значење за будење на животот.
Фото: kurir.rs/belgrade-beat.com/besnopile.rs/interfax.by