ВМРО-ДПМНЕ Штип обвинува за матен тендер за набавка на стентови во Клиничката болница, од тука велат, наместо опозицијата да го поздрави зголемувањето на бројот на стентови, а со тоа и зголемен број на спасени животи истата врши манипулација на јавноста, тонејќи во својата безидејност.
,,Клиничката болница во Штип неодамна распиша тендер за потрошен материјал за интервентна кардиологија. И додека оставаат впечаток дека се грижат за граѓаните, тендерот открива матна зделка, која стигнува до врвот на Клиничка болница Штип и Министерството за здравство. Имено, минатата година преку овој тендер се набавиле 60 стентови, меѓутоа оваа година со тендерот се побарани дури 420 или 7 пати поголема бројка. И се разбира, нив ги добива веќе познатата фирма БИО МЕДИКА ДООЕЛ Скопје. Оваа фирма и нејзината врска со Александар Јовановски-Жути е позната на јавноста по 35 милионскиот тендер за реагенси.
Дали веќе познатата врска меѓу министерот Филипче и компанијата БИО МЕДИКА е пресуден момент за началникот на Кардиологија и директорот на Штипската Клиничка болница да вмешат свои прсти во оваа сомнителна зделка на стентови.“,обвини на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Штип, Иван Јорданов прашувајќи -Кој ќе профитира најмогу од огромната бројка на стентови набавени од страна на Клиничката болница?
На овие обвинувања се огласија и од Штипската Клиничка болница
Сите наши тендерски постапки , се транспарентни и достапни на јавноста, така да сите надлежни институции можат да проверат дали се спроведени согласно со законот.
Било која компанија , која ги исполнува сите услови за учество на нашиот ЈАВЕН тендер и понуди најниска цена, истата во транспарентна постапка ќе го добие тој тендер. Сопственоста на фирмите, воопшто не преставува наш интерес и наша грижа., се вели во соопштението од болницата.
Од тука додаваат дека обезбедувањето на најквалитетни стентови и грижата за здравјето на пациентите е нивен врвен приоритет и така и ќе остане.
Во овие 3 години менаџирање на КБ Штип успеавме да го сервисираме ангиографскиот апарат, кој го затекнавме во нефункционална состојба од претходниците, го зголемивме буџетот за Оддел за Кардиологија од 14.000.000 на 24.000.000 денари, обезбедивме непрекинато работење на Оддел за Кардиологија во текот на 24 часа, 7 дена неделно и 365 дена годишно, а со тоа и квалитетен третман на сите кардиоваскуларни пациенти од Источниот регион и пошироко. Направени се годишно 400 стентирања на срце и околу 30 стентирања на екстремитети, а во период од 2014 до 2017 годишно се стентираа по 250 пациенти и ангиографската сала не работеше континуирано. Во 2018/2019 се набавени околу 420 стентови, а во 2019/2020, со тендерот кој се уште е во постапка, ќе се обезбедат околу 950 стентови (дупло), од кои 770 се предвидени да бидат стентови со лек.
Наместо опозицијата да го поздрави зголемувањето на бројот на стентови, а со тоа и зголемен број на спасени животи истата врши манипулација на јавноста, тонејќи во својата безидејност, се вели во соопштението, реакција на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ Штип.