Тензиите на релација КК МЗТ – Скопје и КФМ не стивнуваат, откако минатата недела претседателот на кошаркарската федерација, Перо Антиќ, нагласи дека кошарката се игра на терен и таму се освојуваат титули, а не на зелена маса.
Со оглед на тоа, управата на трофејниот македонски тим денес испрати конкретен предлог до „Куќата на кошарката“, во кој ги има наведено сите чекори што би можеле да се преземат за да се стигне до нов шампион во лигата и тоа за само еден месец.
Согласно трендот на намалување на трендот на пандемијата на коронавирусот и најавите за нормализирање на животот во државата, ставот на поранешниот учесник во АБА лигата е дека во текот на јуни може да се одигра скратен плејоф со екипите кои обезбедија пласман во Суперлигата. Во четврт-финалето би играле екипите од трето до шесто место и од четврто до петто до две победи, додека двете првопласирани екипи би биле слободни.
Во полуфиналето би се сретнале лидерот на табелата со победникот од дуелот помеѓу четвртиот и петтиот, додека второпласираниот со победникот од дуелот помеѓу третопласираниот и шестопласираниот, во серија до три победи. Победниците би се нашле во големото финале, кое исто така би се играло до три победи. Сите средби би се играле дома и гости, а дали ќе има публика зависи од проценката на властите.
Екипите би настапиле само со домашни кошаркари, бидејќи странците многу тешко би се вратиле во земјава поради затворените граници и задолжителниот карантин. Поради тоа и таквите околности, МЗТ предлага мини-преиоден рок од 15 до 31 мај во кој прволигашите би донеле нови аквизиции. Тие исто така сметаат дека првенствено треба да се доигра 18 коло од Првата лига, за да се одредат стартните броеви на екипите пред доигрувањето.
Ваквата проекција, според нив, би ги задоволила желбите и ставовите на поголем број клубови искажани изминатиов период дека првакот се добива на терен, нешто што и Перо Антиќ во неколку наврати го потенцираше.