И покрај мерките на забрана поради коронавирусот, во Сараево синоќа се одржала приватна забава за дваесеина луѓе, на која прсуствувале и лекари, познати пејачи, декан на факултет, бизнисмени, но и министерот за надворешна трговија и економски односи, Сташа Костарац.
Забавата се одржала во ресторан со спуштени ролетни зашто уште е на сила забраната за работа на угостителските објекти во БиХ. Во ресторанот не се почитувала ни социјалната дистанца. Веселото друштво – гостите седеле еден до друг на голема маса, наздравувале и пееле.
Од познатите пејачи на забавата биле Халид Бешлиќ, Шериф Коњевиќ. Хари Варешановиќ и Слаѓана Мандиќ, поради која се разбрало за оваа „карантинска забава“ – споделила снимка на социјалните мрежи, која брзо потоа ја избришала, но веќе било доцна.
По пријавата, полицијата за 15 минути пристигнала во ресторанот. Гостите на „корона-забавата“ на лице место биле казнети со по 500 КМ, а газдата на ресторанот ќе заработи казна помеѓу 2.000 и 10.000 КМ.
„Срамота, ова е неверојатно! Луѓе што преку ден повикуваат строго да се почитуваат мерките, вечерта самите ги уриваат, додека половина милион луѓе во градот се во карантин. Никој не е над законот и сите ќе си ги добијат казните“, изјавил за сараевски „Аваз“ министерот за внатрешни работи Исмир Јусо.