„Јас сум Македонец, не Русија и Австро-Унгарија, непријателите на Македонија се Бугарија, Грција и Србија“, пишува „Бугаринот“ Мисирков – ММС
ММС

Објавено на: 05/3/20 7:12 AM

„Јас сум Македонец, не Русија и Австро-Унгарија, непријателите на Македонија се Бугарија, Грција и Србија“, пишува „Бугаринот“ Мисирков

Не спласнуваат реакциите во Македонија во врска со ставовите на Денко Малески, првиот македонски министер за надворешни работи по осамостојувањето на земјата, искажани деновиве во колумна за македонски портал, потоа и во интервју за бугарска телевизија… Тие ставови, секако, им се добредојдени на круговите кај нашиот источен, па и кај јужниот сосед.

Малески пишува и вели дека во минатото со Бугарите сме биле еден ист народ, а македонската историографија своевремено, заштитена од моќната југословенска федерација, можела непречено да врши селекција на историската граѓа, па каде што пишувало Бугарин да пречкрта и да напише Македонец. Додава и оти Гоце Делчев, кому, инаку, утре, на 4 мај, му навршуваат 117 години од загинувањето, се чувствувал како Бугарин, а, исто така, и Крсте Петков Мисирков. „Никој не треба да биде шокиран што Мисирков на почетокот на својата книга ’За македонцките работи’ изјавил дека тој е Бугарин“, вели Малески.

Е ајде, за да не учиме историја од „кликови“ и да нема никакви вадења од контексти од било која страна, сите да ја (пре)прочитаме од почеток до крај книгата „За македонцките работи“, објавена во 1903 година, веднаш по Илинденското востание, во која Крсте Петков Мисирков на повеќе од сто страници ги кажува своите ставови за македонското прашање, националната свест, македонскиот јазик… Еве само еден мал исечок од книгата:

„Јас сум Македоец и интересите на мојата татковина ми се претставуваат така: не Русија и Австро-Унгарија се непријателите на Македонија, туку Бугарија, Грција и Србија…Ние Македонците не можеме да очекуваме помош од никоја од балканските државички, оти решеието на нашето прашање е сето во рацете на големите сили и затоа и не ни’ треба да ги соединуваме и да ги замешуваме нашите интереси со чии и да се словенски интереси на Балканскиот Полуострив. Нам ни’ треба внатрешно обединување меѓу себе. Не сме ни Срби, ни Бугари, ни Грци. Не ни’ требаат патријаршисти, егзархисти зашто ние сме само православни христијани. Делењето е вештачки создадено од балканските државички со намера да ја делат Македонија со стекот на околностите. Македонците на сегашниот степен од нивниот национален развиток не се материјал во рацете на малечките балкански државички, ами се силен етнографско-политички фактор од којшто повеќе зависат судбините на Македонија отколку од малечките балкански државички. Тие Македонци што покажаа таква способност во своето национачно-политичко организирање, што покажаа такво примерно жртвување на своите интереси во полза на интересите на својата татковина, не со помалечок успех ќе можат да им организираат секакви пречки на националните и религиозните пропаганди што го цепат денес нашиот народ на делови непријателски еден кон друг“.