Уставниот суд на Косово привремено го суспендираше именувањето на Хоти за мандатар на новата Влада – ММС
ММС

Објавено на: 05/2/20 7:33 AM

Уставниот суд на Косово привремено го суспендираше именувањето на Хоти за мандатар на новата Влада

Уставниот суд на Косово донесе одлука привремено до 29 мај 2020 година да го суспендира декретот на претседателот на Косово Хашим Тачи за именување на Авдулах Хоти за мандатар на новата Влада на Косово, пренесува агенцијата Анадолија.

Уставниот суд на Косово соопшти дека е усвоено барањето кое до судот на 30 април 2020 година го предале Реџеп Селими и 29 пратеници на Собранието на Косово веднаш привремено да се суспендира декретот на претседателот на Косово Хашим Тачи за именување на Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово за мандатар на новата Влада на Косово. Суспензијата ќе трае до 29 мај 2020 година.

„Судот, не доведувајќи ја во прашање прифатливоста или основаноста на барањето, заклучи дека поднесеното барање за привремена мерка во врска со спорниот декрет на претседателот треба да се усвои како основан”, се наведува во соопштението на Уставниот суд.

Движењето „Самоопределување” во четврток од Уставниот суд побара да се испита уставноста на декретот на претседателот Тачи со кој е именуван за мандатар на новата Влада Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово, второпласираната партија на последните избори одржани на 6. октромври минатата година, како и дека до таа одлука се суспендира декретот.

Судиите на Уставниот суд ги земаа во предвид коментарите кои ги испратија претседателот на Косово, претседателката на Собранието, вршителот на должноста премиер, пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово, пратеникот Арбан Абраши и пратеникот Шкемб Манај.

По оваа одлука на Уставниот суд, новата Влада не може да биде избрана во Собранието на Косово најмалку до 29 мај, до кога се очекува и одлуката на судот во врска со уставноста на именувње на Хоти за мандатар.

Владата на премиерот Курти падна на барање на Демократскиот сојуз на Косово, коалицискиот партнер на Курти, на 25 март со двотретинско мнозинство во Собранието, по само 50 дена работа, поради смена на министерот од Демократскиот сојуз на Косово Агим Велиу и поради неукинувањето на таксите без воведување на реципроцитет на Србија, како што од Косово бараа Соединетите Американски Држави.