Бухова контра Максо – прекршени се протоколите со самоизолација и тестирање – ММС
ММС

Објавено на: 04/30/20 3:44 PM

Бухова контра Максо – прекршени се протоколите со самоизолација и тестирање

Директорката на Државниот санитарен инспекторат, Ирина Бухова Сотирова, даде дополнителни информации за неодамнешните инспекции во Куманово од страна на ДСЗИ.
– ДСЗИ во конкретниот случај, изврши надзор во јавни здравствени установи во Куманово и тоа: Центар за јавно здравје Куманово, Здравствен дом во Куманово – Единица за итна медицинска помош, Општа болница Куманово – Одделение за инфективни болести, при што во овие установи е изготвен  записник кој е потпишан од присутно лице во овие установи и овој потпишан записник  се доставува до менаџерите на споменатите установи. ДСЗИ не прави надзори во простории на општини и нема законска обврска ниту законска можност да доставува записници таму каде што не инспекторира,“ рече Бухова.
Во однос на напуштање на самоизолацијата, Бухова информира дека лице кое е ставено со решение од ДСЗИ, позитивно за Ковид 19, за лекување и изолација, може да го напушти местото каде е изолирано само со најава на бројот 192, меѓутоа преку координација со матичен доктор, епидемиолог или специјалист- инфектолог за транспорт до најблиска болница.Во овој случај Општа болница Куманово. Јавувањето само на 192, според Бухова не е доволно,  согласно  издаденото решение, и погоре наведениот протокол.
-Согласно решението издадено од ДСЗИ и протоколот за позитивни лица, тестирањето на позитивни лица кои се наоѓаат во домашна изолација и домашно лекување, се изведува исклучиво по 14-иот ден со земање на два последователни бриса  од страна на екипа од ЈЗУ ЦЈЗ во домашни услови и тоа во временска разлика од 24 до 48 часа, а анализите на земениот материјал се вршат во лабораторија на ЈЗУ Институт за јавно здравје Скопје. Нешто што морам да ви потенцирам, од 30.03.2020 до 29.04.2020, ДСЗИ има издадено 3324 решенија за домашна самоизолација по основ на контакти и 994 решенија на лица кои се на домашно лекување и домашна изолација. Се поставува дилема пред нас и пред сите вас, што би се случило, ако сите 994 лица кои се позитивни на Ковид-19 се со лесна клиничка слика или асимптоматски, а се со решение на ДСЗИ изолирани дома,  самоиницијативно  би излегле  и би тргнале да се тестираат по патека вон алгоритамот и протоколот и на која опасност би биле изложени сите ние, вие и цело население. “ – истакна Бухова.
За сите недостатоци кои ДСЗИ ги констатира ќе следуваат прекршочни казни, а за одредени недостатоци е инициран стручен надзор во Лекарската комора.
ДСЗИ информира дека соработува и со други институции, а во изминатиов период врши координирани надзори заедно со други инспекторати, меѓу другите и со дел од сектори од МВР, Финансовата полиција и сите институции кои имаат ингеренции во надзорите кои ги врши ДСЗИ.