Во претстојниот продолжен викенд, на први, втори и трети мај ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 14:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наутро следниот ден. Оваа одлука е донесена на денешната 47. седница на Владата.
Како што соопшти владината прес-служба, за лицата над 67-годишна возраст, о петок, сабота и недела ќе биде дозволено движење од 05:00 часот наутро до 11:00 часот.
Сите деца и млади лица до 18 години, во петок, сабота и недела ќе може да излегуваат од 12:00 до 14:00 часот.
На оваа седница, Владата донесе Уредба со која се определува дека финансиската поддршка за спас на работни места ќе се спроведува преку владина Програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19. Исплатата на финансиски средства ќе биде на сметка на работодавачот-барател за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник.
МИА