Патување најрано во јуни, но како ќе се оди летово на плажа? – ММС
ММС

Објавено на: 04/27/20 8:06 PM

Патување најрано во јуни, но како ќе се оди летово на плажа?

Но, најнапред, како ќе се стигне до плажата? Границите се затворени, нема авионски летови, на сила се заштитните мерки. Микробиолог Никола Пановски во гостувањето во ТВ Канал 5, смета дека во јуни најрано може ќе почне да се патува, но веројатно, само со сопствено возило и со приватно сместување.

-Треба да се случи некое чудо во јуни, да престане да има нови случаи, да има по еден – два случаи дневно во малите земји и по 50-100 во големите земји, па да може да се отворат границите и да се патува.Мислам дека ќе се дозволи патување со сопствени возила, за семејства, да се сместат луѓето во некој објект, камп или во објект каде нема мешање на многу луѓе. Не можам да сфатам како ќе се соберат луѓе во хотел со пет ѕвезди и ќе одат на шведска маса. Со маски ли ќе одат?!, праша д- р Пановски.

Што се однесува до летувањето, односно користењето на плажите, д-р Пановски вели дека водата е безбедна, но проблем е како да се стигне до неа.

-И како ќе отпатуваме до таму, ако немаме сопствено возило? Каде ќе се сместиме, кога под сенките има гужва? Меѓутоа, на Сонце, во водата, таму вирус нема. Освен спора од бактерија, не може ништо да преживее од патогените микроорганизми, кажа д-р Пановски.

Грција веќе ја разгледува можноста за почнување на сезоната во јуни, додека европските земји разговарат за воведување на здравствен картон за влез во земјите.