Зградата со 17 ката во Софија, изградена пред 40 години да биде „најголемата и најмодерната печатница на Балканот“, е урната со експлозив, пренесува „Анадолија“.
За уривањето на зградата во главниот град на Бугарија беа употребени стотици килограми експлозив.
Поради уривањето на зградата, беа преземени широки безбедносни мерки во градот, од страна на општинските екипи и на полицијата.
Уривањето на зградата беше проследено со голем број странски и домашни медиуми.
Зградата, именувана како „Дом за печат – Родина“, беше изградена на површина од 50 илјади квадратни метри со 600 работни простории.
Објектот беше планирано да ги собере сите медиуми во земјата под еден покрив.
По соборувањето на Тодор Живков, последниот комунистички диктатор во земјата, во 1989 година, Бугарија влезе во длабока економска криза и затоа 17-катната зграда не можеше да се заврши.
Михаил Тиков, бизнисменот кој ја купи зградата во 2018 година, одлучи да ја урне, наведувајќи дека завршувањето на изградбата е поскапо од нејзиното уривање.