Последниот куршум претседателот на Крушевската Република го истрела на Осогово: 115 години од загинувањето на Никола Карев – ММС
ММС

Објавено на: 04/26/20 7:16 AM

Последниот куршум претседателот на Крушевската Република го истрела на Осогово: 115 години од загинувањето на Никола Карев

На пат кон Крушево, Никола Карев во ноќта меѓу 26 и 27 април 1905 преноќил во селото Рајчани, но рано утрото со дружината биле нападнати, се повлекле кон месноста Свиланово и од колиба во планината долго му давале отпор на аскерот, загинале сите, освен еден, кој успеал да се пробие, а жителите на тој крај и денес ги раскажуваат сеќавањата на трагичниот настан слушнати од нивни дедовци и прадедовци и секоја година на денот на загинувањето чествуваат за Карев и неговите соборци

Пишува: Љупчо Шатевски

Неполни две години по задушувањето на Илинденското востание и на Крушевската Република, нејзиниот претседател Никола Карев (1877-1905)) во битка со аскерот загинал во месноста Свиланово на Осоговските Планини, во близина на кочанското село Рајчани, на тромеѓата меѓу денешните општини Кочани, Чешиново-Облешево и Пробиштип. Постарите жители на тој крај и денес раскажуваат за она што го слушнале од нивните дедовци и прадедовци за кобниот ден кога во битка со аскерот животот го загубиле Карев и неговата дружина, кои ноќта помеѓу 26 и 27 април преноќиле во Рајчани.

Чествување пред пет години пред старото спомен-обележје на Свиланово 

Секоја година на 27 април се одржува чествување во чест на големиот македонски револуционер и на неговите соборци, на кое се собираат многу луѓе да им оддадат почит. Нема да бидат заборавени ни годинава, но, поради вонредната состојба заради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, ќе нема масовност и културно-историски активности. Претставници на установите што го носат името на Никола Карев и на кочанската локална самоуправа утре, точно на 115-годишнината, ќе положат свежо цвеќе пред споменикот на Карев во Кочани, пред неговото спомен-обележје кај селото Тркање покрај патот Кочани – Штип и на новото спомен-обележје подигнато пред две години во месноста Свиланово, каде што загинал претседателот на Крушевската Република.

Новото спомен-обележје на Свиланово

„Ние Македонците мора да се бориме за наша Македонија“

Порано чествувањето во Свиланово се одржуваше пред старото спомен-обележје до кое до пред пет-шест години, поради планинскиот предел и тешко пристапниот пат, се стигнуваше само со теренско возило, трактор или пеш. Сега состојбата е подобрена, а се изгради и новото спомен-обележје. Неговата изградба првпат беше најавена на одбележувањето на 110-годишнината од загинувањето пред многубројните присутни. Дојде и полн автобус од Крушево, родното место на Никола Карев, кое со Кочани е збратимено од 1965 годинa, со градоначалникот, ученици од основното училиште што го носи името на Карев, како и роднини на претседателот на Крушевската Република.

Перо Карев до старото спомен-обележје на Свиланово пред пет години

– На споменикот на Никола кај селото Тркање, на кој е испишана неговата порака „Ние Македонците мора да се бориме за наша Македонија…“, сме биле повеќепати, но овде, во Свиланово, каде што загинал нашиот дедо, на чие дело сме горди и споменот за него го чуваме како нешто најсвето, сме првпат – ни’ рече тогаш 81-годишниот крушевчанец Перо Карев, внук од братот на Никола Карев, Петруш.

Спомен-обележјето кај селото Тркање

Рајчанци за комитската дружина приготвиле качамак

Според историските податоци, кои не се многу обемни, Никола Карев по задушувањето на Илинденското востание, првин заминал во Белград, а потоа, кон крајот на 1903 година, во Софија. Во април 1905 одлучил да се врати во Македонија. Тргнал со својата мала чета од седуммина соборци, во придружба на нешто поголемата на прилепскиот војвода Петар Ацев. Границата ја поминале на Осоговските Планини, кај Ќустендил. Во кочанското село Рајчани стигнале ноќта на 26 април. Требало да одморат, а следната ноќ да продолжат кон Крушево. Карев и дружината рајчанци топло ги дочекале.

Но, најверојатно поради претходно предавство, башибозук и турски аскер ја нападнале дружината в зори на 27 април. Комитите веднаш се фатиле за оружјето и со пукање почнале да се повлекуваат кон Свиланово, единствениот слободен правец. Но, дошол нов аскер од правецот на Кочани, па опколените комити се забарикадирале во колиба во трло и давале жесток неколкучасовен отпор. Загинале и Карев и сите негови соборци. Од обрачот успеал да се пробие само еден. Откако Турците ги зеле телата на своите загинати и заминале од Рајчани, селаните го закопале Карев на Свиланово.
Во 1953 година, по повод 50-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република, посмртните останки на Карев се пренесени во неговото родно Крушево, а од 1990 се во „Македониумот“ во тој град.

КОЈ БИЛ ПРЕДАВНИКОТ?

 

Кој бил предавникот не откриваат ни историчарите, а и жителите на Рајчани не се сигурни. Нивните сознанија за таа трагична ноќ и ден за големиот македонски револуционер и неговата дружина се базираат на кажувањата на нивните дедовци и прадедовци, кои биле сведоци на случувањата, но веќе не се меѓу живите. Според некои, дружината била предадена уште при преминувањето на границата. Според други, комитите биле забележани од полјак-Турчин пред да влезат во Рајчани. Трети, пак, се сомневаат дека и во овој случај проработело старото македонско „тројство“ – еден војвода, еден комита и еден шпион. Наводно, таа вечер долго заедно седеле Карев со уште еден војвода и еден врховист, кој, незадоволен од разговорот, заминал од Рајчани, се упатил кон Кочани и го извршил предавството.

– Прадедо ми Коце, кој живееше долго, бил сведок на трагичните случувања. Дури бил меѓу селаните што го закопале претседателот Никола Карев по неговото загинување во Свиланово. Тој не знаеше кој бил предавникот, но многу добро се сеќаваше на престојот на Карев вечерта на 26 април. Следната ноќ четата од Рајчани требало да замине на Плачковица, а оттаму кон Прилеп и Крушево. Селаните за Карев и за дружината подготвиле качамак. Стражарот бил поставен токму на овој рид – Орлак, како што го викаме, кој е на педесетина метри од нашата куќа. Но, утрото ненадејно почнал нападот. Дури некои покојни соселани тврдеа дека дел од башибозукот, за да не бидат забележани од стражата, со коњите се измешале во свадбарска колона што одела од Злетово, покрај Рајчани, кон селото Бања – ни’ раскажуваше Петруш Коцев, кога пред десетина години го посетивме Рајчани и местото на загинувањето на Карев, кое е на два километра од селото.

Во Рајчани пред половина век живееле речиси 400 жители, но, поради иселувањето и отсеченоста во планината, нивниот број сега е намален за 20 пати, а одамна е затворено и училиштето во селото.

Некогашното училиште во Рајчани снимено во 2011