Доекипиран специјалистичкиот тим на Инфективното одделение во велешка болница – ММС
ММС

Објавено на: 04/24/20 4:32 PM

Доекипиран специјалистичкиот тим на Инфективното одделение во велешка болница

Од денеска е доекипиран специјалистичкиот тим на Инфективното одделение на велешка болница со враќањето на работа на д-р Славица Трајкова по самоизолацијата во која докторката беше во изминативе 14 дена откако се врати од  Дебар каде работеше како лекар кој доброволно се пријави да помогне во борбата со епидемијата на коронавирус. Сега за здравствената состојба на вкупно 19 лежечки пациентите кои се лекуваат од „Ковид 19“ во карантинот на болничкото одделение се грижат тројца инфектолози, двајца специјалисти од Анти туберколозниот диспанзер и еден специјалист по дерматовенерологија или за кожни болести.

-Секако дека не е помала заслугата и на медицинските сестри и болничари на ова одделение кои се помогнати со нивни колешки и колеги од останатите одделенија на болницата. Медицинскиот персонал денеска се грижи за вкупно 19 лежечки пациенти од кои на троица се чекаат резултати по земен брис додека тројца чекаат да им биде земен брис за коронавирус. По вчера отпуштените на домашно лекување 4 излекувани пациенти од Ковид 19 и денеска од болница се отпуштени уште 3 излекувани пациенти или вкупно 7 излекувани во двата дена, рече портпаролот д-р Весна Николовска Неделкова.

Исто како вчера така и денеска Центарот за јавно здравје Велес информираше дека во градот нема нови случаи на инфицирани од коронавирус. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашиот град изнесува 62 лица од кои 9 излечени, 3 смртни случаи и 50 активни.