Тешко повреден пожарникар во сообраќајна несрека на товарен воз и автомобил крај Велес – ММС
ММС

Објавено на: 04/24/20 3:57 PM

Тешко повреден пожарникар во сообраќајна несрека на товарен воз и автомобил крај Велес

Во контактибилна состојба и реанимиран, покрај крварењето што го имал во главата како последица од ударот на воз во неговиот автомобил, утрово околу 9 часот бил транспортиран на Клиниката за Неврохирургија во Скопје деветнаесет годишниот А.Џ од село Согле, во чиј автомобил удри товарен воз на железничката пруга Велес –Битола.

-Повреденото момче било донесено во ЈЗУ Општа болница Велес веднаш по сообраќајката што рано утринава во 6 часот и 40 минути се случи на отворениот железнички премин пред влезот на поранешната фабрика за порцелан „Порцеланка“ во близина на Велес. А.Џ бил прегледан и му биле направени снимки на главата со Компјутерска томографија по што специјалистите хирурзи и ортопеди одлучиле да биде транспортиран на клиниката во Скопје поради констатирано крварење во мозокот, рече портпаролката на велешка болница д-р Весна Николовска Неделковска.

Сообраќајната несреќа е пријавена во Секторот за внатрешни работи во Велес чија екипа направи увид на лице место. Од СВР Велес информираа:

„На 24.04.2020 година околу 06.40 часот на патниот премин кој се наоѓа кај влезот на Фабриката за порцелан  во Велес, товарниот воз кој сообраќа на линијата Велес – Прилеп удрил во патничко возило „фолксваген голф“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од А.Џ.(19) од с.Согле, општина Чашка.  Возачот со тешки телесни повреди е пренесен во Болницата во Велес. Извршен е увид на местото на настанот“.

Резултатите од увидот ќе треба да покажат што се случило и како дошло до сударот на товарниот воз со автомобилот што го управувал А.Џ. Тој е вработен како пожарникар во Територијалната противпожарна единица во Велес и утрово, кога се случила несреќата, доаѓал од дома на работа. Во вадењето од автомобилот на А.Џ учествувала екипа на негови колеги од ТППЕ од Велес./У.Ј