Димова: Пандемијата се одрази катастрофално на ЕУ-проектите за образование и мобилност – ММС
ММС

Објавено на: 04/24/20 12:52 PM

Димова: Пандемијата се одрази катастрофално на ЕУ-проектите за образование и мобилност

Пандемијата со КОВИД-19 откажа и одложи многу проекти од европската образовна програма Еразмус+,  а најпрболематични се оние што се заглавени односно во тек на реализација, учесниците беа затекнати во странство и требаше да се вратат дома.

Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, во интервју за МИА вели дека за проектите кои почнале и пандемијата ги затекнала нивните учесници на мобилност во странство, ќе се применува правилото на „виша сила” што, практично, значи дека им се признаваат сите направени трошоци иако активностите не биле целосно спроведени.

Апликантите ќе имаат право да ги задржат грантовите одобрени од Европската комисија но, посочува Димова, нема да значи дека „виша сила” ќе се прогласува секаде и повоторно сè ќе мора да биде соодветно документирано.

Од настанатата состојба ќе има и застој и одложување на повиците за проекти.  До Агенцијата, која покрај за европските образовни програми е надлежна и за волонтерите за Европскиот солидарен корпус, стигнуваат прашања од заинтересирани, особено за тоа како ќе се одвиваат проектите и дали ќе продолжат роковите. Поради тоа, Агенцијата на својата веб-страница има посебен дел за прашања и одговори за сè што е поврзано со околностите од КОВИД-19.

Димова во интервјуто одговори дека немаат известување од ЕК за кратење на планираниот буџет за образовните програми и очекува тој и да се зголемува затоа што, како што вели, „по ваква пандемија најмногу ќе биде потребна мобилноста во обидот да се врати довербата во системот и вредностите на Европската Унија”.

Како се одрази пандемијата врз реализацијата на проектите и на мобилноста на студентите преку програмата Еразмус плус?

– Ако треба со еден збор да одговорам на ова прашање, тој би бил „катастрофално”. Најголемиот број на проекти или се откажаа или се одложија. И во двата случаја, крајниот резултат не е постигнат.

Но, овие две групи, всушност, и не се толку проблематични. Имаме и проекти кои заглавија – буквално заглавија – односно пандемијата ги снајде учесниците на мобилност во странство и со нив требаше да се справуваме користејќи ги сите наши ресурси за да ги вратиме дома – почнувајќи од пари, па сè до познанствата што ги имаме по другите национални агенции во ЕУ.

Имате ли податоци колку студенти преку Еразмус+ се на странски универзитети во моментов или наши волонтери во други земји преку Европскиот солидарен корпус?

– Во моментот кога универзитетите ќе ги добијат грантовите, тие почнуваат со спроведување на таканаречените Еразмус+ повелби каде што се регулира начинот на избор, испраќање, признавање на квалификациите итн. Кога ќе заврши проектот за тековната година, универзитетите ни доставуваат конечни извештаи со конечните бројки. Дури тогаш ние знаеме колку студенти и професори биле на мобилност во странство. Истото важи и за Европскиот солидарен корпус.

Тоа е така поради фактот дека Националната агенција нема надлежност да се меша во внатрешните работи на организациите. Се очекува некое ниво на капацитет на корисникот (што се признава во претходна постапка на доделување повелби или акредитации, називи за квалитет итн.), а потоа улогата на Националната агенција е само да го следи и контролира спроведувањето на обврските преземени со проектите, но и со повелбите.

Затоа, во моментов, не знаеме точно колку студенти/млади/учесници се на мобилност.

Дали ќе има застој или одложување на повиците за проекти?

– Да, ќе има – и застој, и одложување. Веќе имаше продолжување од еден месец на повикот за предлог-проекти за клучната акција 2 (стратегиски партнерства) и покусо продолжување за клучната акција 1 (мобилности).

За проектите кои се во фаза на имплементација, ќе има можност за склучување амандмани на договорите за да се ублажи ризикот врз имплементацијата колку што е можно повеќе. Ова важи и за проектите кои не почнале поради пандемијата.

За проектите кои почнале и пандемијата ги затекнала нивните учесници на мобилност во странство, ќе се применува правилото на „виша сила” што практично значи дека им се признаваат сите направени трошоци иако не биле целосно спроведени активностите.

Ќе имаат ли апликантите право да ги задржат одобрените грантови?

– Да, секако. Европската комисија е свесна дека голем дел од средствата нема да можат да се вратат, бидејќи трошоците реално биле направени. Но, тоа не значи дека „виша сила” ќе се прогласува секаде. Повторно сè ќе мора да биде соодветно документирано.

Стигнуваат ли барања или прашања до Агенцијата во врска со настаната ситуација и за што најмногу се интересираат корисниците на средства од европските образовни програми во овие  услови?

– Се разбира. Добиваме секакви прашања и се обидуваме на сите да им помогнеме. Надлежноста околу враќање на нашите граѓани затекнати во странство ја има Министерството за надворешни работи, но ние неофицијално помагаме со поддршка што ја добиваме од нашите партнерски национални агенции кои ни помагаат по „приватна линија” за што поефикасно да се надминат проблемите.

Голем интерес е и тоа како ќе продолжат со проектите, дали ќе се продолжуваат роковите итн. Ние постојано објавуваме информации на нашата веб-страница за сè што сметаме дека е од голема важност. Од неодамна направивме и „најчесто поставувани прашања”, зашто поради мерките на Владата не е секогаш можно да ја добиете централата на Агенцијата, но другите мобилни телефони функционираат.

Имате ли сознанија или навестувања од ЕУ дека ќе се скратува планираниот буџет за образовните програми поради кризата предизвикана од КОВИД-19?

– Немаме известување и сметам дека КОВИД-19 нема да предизвика скратување на буџетот. Напротив, мислам дека буџетот ќе се зголемува зашто после една ваква пандемија – мора да признаете – најмногу ќе биде потребна мобилноста во обидот да се врати довербата во системот и вредностите на Европската Унија.

МИА