Нити сум дошол во контакт со инфициран од Ковид-19, ниту сум бил заболен, вели раководителот на РЦУК Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 04/23/20 8:51 PM

Нити сум дошол во контакт со инфициран од Ковид-19, ниту сум бил заболен, вели раководителот на РЦУК Куманово

Раководителот на Регионалниот центар за управување со кризи, Горан Стојановски на својот фејсбук профил напиша дека направил два теста на коронавирусот, кои покажале не дека не бил заболен, туку и дека воопшто не бил во контакт со лице заболено од Ковид19.

Тој беше еден од членовите на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, чии првични тестови беа позитивни.

По укажување од матичниот лекар, но и поради тоа што немал никакви симптоми, Стојановски одучил да направи два теста.

– Првиот PCR тест изготвен во референтна лабараторија, како и вториот брз RAPID тест за антитела IgG и IgM се негативни и укажуваат на фактот дека нити сум дошол во контакт со инфициран од Ковид-19, ниту пак воопшто станува збор кај мене, во мојот организам за некакво си заразување со Ковид-19, напиша Стојановски.

Тоа е како што вели среќната околност, но тој на својот профил пишува и за тажната, која се однесува за одговорноста кон семејството, колегите, пријателите и сите со кои бил во контакт.

–  Сам, изолиран, одделен од семејството, од најмилите со посебен режим на однесување со многу време за размислување и себеобвинување од типот каде згрешив, што се случува, што да очекувам што ќе се случи со моите, најблиските, пријателите, луѓето, граѓаните, човекот воопшто, животот, сликите се редат и сфаќаш дека си можел и немо да говориш во себе и со себе. Кога сето ова ќе го читат моите пријатели ќе речат види го пријателов и филозов станал, аман бе кажи ја суштината од тажната околност оти с’ска не фати ќе не расплачеш како си почнал.

Позитивниот резултат на Стојановски му беше доставен на 16ти април, кога добил и решение од Дражвниот санитарен и здравствен инспекторат дека е лабораториски потврден случај и му е наложена изолација од 14 дена во домашни услови.

Како што вели не сака да помисли дека позадината е сосема поинаква поради што неговиот првичен резултат бил позитивен.

– Се убедувам себе си, а уште повеќе сакам да верувам дека Лабараторија при Институтот за јавно здравје при прегледување на моите брисеви има направено превид или случајна грешка, но не сакам ни да помислам дека позадината е нешто сосема друго кое по некаква потреба го прави позитивен мојот резултат.

Тој утре во писмена форма ќе побара Центарот за јавно здравје Куманово да направи уште едно тестирање.