Полицискиот час ми ја врати хармониката- Професорот Јове Кекеновски засвире по 25 години, подготвува концерт на есен – ММС
ММС

Објавено на: 04/24/20 8:00 AM

Полицискиот час ми ја врати хармониката- Професорот Јове Кекеновски засвире по 25 години, подготвува концерт на есен

Велат секое зло за добро е, а ова во ова време на пандемија и полициски час истото го мисли и професорот Јове Кекеновски, кој по 25 години и се врати на старата љубов- хармониката. Тој вели дека толку многу е навлечен на свирењето, што покрај онлајн предавањето на студентите од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, не ја остава хармониката.

-Свирењето ме исполнува многу. Од осум до 10 часа на ден свирам. Ги побудалев моите дома.  А се почна несакајќи. Јас дури и немав хармоника, ја продадов мојата пред седум години и сега позајмив за да свирам. Не мислев дека некогаш повторно ќе засвирам. Но, очигледно љубовта тлеела. Најголемата мотивација, пак, да почнам да вежбам е благодарение на Академик Владо Камбовски и неговиот син Игор, кои се вљубеници во музиката. Па полицискиот час ми дојде како нарачан. Сега активно вежбам веќе два ипол месеци и продолжувам активно и понатаму да вежбам, вели Кекеновски.

Неговата желба за музиката не престанува само со вежбањето. Како што вели, има многу идеи, направил негови две композиции, а подготвува и концерт на есен.

-Сакам да снимам две композиции. Едната е варијација на македонска нардона песна, каде ќе употребам и елементи од класиката и виртуозни и бравурозни елементи. Не кажавума на која песна, туку ќе ја снимам заедно со уште едно оро кое го  снимам во 11/8 и ќе ги промовирам  кон средината на мај. Ме радува што сега има многу млади хармоникаши, кои кога јас престанав да свирам, тие не биле родени. Сега сакам да ги потсетам како беше и заено со нив да направиме нешто,  да оставиме нешто за идните поколенија, објаснува Кекеновски.

Дека тој е сериозен во намерите покажува и фактот што веќе е смислен концертот, на кој заедно  со младите ќе свират композиции од неговиот репертоар.

-Концертот да биде во живо. Јас имам преку 70 мои авторски ора. Имам две солистички касети, една за „Југотон“ од Загреб а другата за МТВ. Имам над 50 трајни снимки за Македонско радио. Сето ова го правам за да покажам на младите дека со труд можеш да бидеш успешен на повеќе полиња. Моето занимавање со хармоника не е туку така, само свирење, туку уметност на техника која сум ја имал на времето и која сега ке ја вратам. Свирам и џез и класика, се како што е ред. За време на пандемијава ја подготвив „Унгарски танц 5“  од Брамс, подготвив  италијански валцер- “Електирко“ и „Монти чардаш“,  а „Подмосковске вечери“ ја свирам фантастично, во мој аранжман, вели професорот и повратник во музичките води.

Весна Миленковска