Во Основниот суд во Штип денеска не почнa судењето на двајцата млади штипјани, кои македонската јавност ги виде во неодамна објавената видео снимка, како тепаат девојка во влез во зграда. Судењето е одложено за вторник, 28 Април, по барање на адвокатот Валентин Зафиров од Велес, кој не успеал да оствари контакт со неговите клиенти, ниту го добил обвинителниот акти.
П.Р.(23) и С.А.(26) и двајцата од Штип, се обвинети за делото „Насилство“, според Кривичниот закон, беа донесени од притвор од Затворот во Куманово. Двајцата беа во 14 дневна изолација како превенција од Ковид 19.
Адвокатот Зафиров изјави дека двајцата обвинети сакаат побрзо да заврши судењето.
-Тие се свесни и не е од интерес на никој да се одолговлекува предметот, особено за еден ваков предмет, каде е заинтересирана јавноста, изјави по излегувањето од Судот, адвокатот Валентин Зафиров.
Интересно во случајот е дека ниту едниот ниту другиот немаа адвокати, кои би ги бранеле. За едниот од нив, адвокат од Штип јавно се откажа од бранењето, поради, како што рече „делото што ја згрози јавноста“. По ова, адвокатот Зафиров самиот се понуди да го брани С.А., кој потоа и ја прифати понудената одбрана. Денеска на судењето, и вториот обвинет, П.А. побарал Зафиров да му биде бранител.
Меѓутоа, овој потег со одбраната на веќе „осудените“ од јавноста, наишол на осуда во јавноста. Адвокатот изјави дека тој и неговото семејство се мета на осуди, клетви и говор на омраза.
-Деновиве на социјалните медиуми доста се изначитав клетви кон мене и моето семејство. Но, сметам дека во секоја демократска држава секој заслужува одбрана, кажа адвокатот Валентин Зафиров.
Од Основниот суд во Штип соопштија дека судењето е закажано за во вторник, по барање на одбраната, со што се сложило и Јавното обвинителство.
За делото „Насилство“, за кое се обвинети двајцата штипјани, предвидена е казна од шест месеци до пет години затвор.
Објавено на: 04/23/20 1:35 PM