(ВИДЕО) „Дај едно пиво Алексо“, кучето на Јонче од Охрид е попаметно од многу луѓе – ММС
ММС

Објавено на: 04/23/20 12:01 PM

(ВИДЕО) „Дај едно пиво Алексо“, кучето на Јонче од Охрид е попаметно од многу луѓе

„Колку повеке ги запознавам луѓето, толку повеќе ги сакам животните“, ова некој го кажал и имал голема причина за тоа. Ако го запознаете петгодишниот Алексо од селото Драслајца, охридско, ќе ви стане јасно зошто е тоа така и ќе добиете неописива желба- подобро тој да ви биде пријател отколку некои луѓе кои се околу вас и кои ви се кажуваат за блиски. Привилегијата да го има Алкес ја има Јонче Спироски, кој го чува од бебе.

 Алексо со најдобриот другар, Јонче Спироски

-Средбата со Алексо беше љубов на прв поглед. Кога заминав за Скопје да земам куче  од неговата раса, кусовлакнест германски птичар, се засакавме на првата средба. Всушност тој мене ме одбра. Беа повеќе бебиња и кога сопственикот им стави храна сите се стрчаа кон храната само Алексо кон мене. И немаше потреба да бирам, тој мене сам ме одбра. И нормално, јас како голем љубител на животните, никогаш за ниедно куче што сум го чувал не сум се покајал, а за Алексо па никако. Сум имал среќа досега да чувам многу умни кучиња ама Алексо е некако природно талентиран. Никогаш не бил трениран, не сум го учел нешто специјално, тој сам за брзо си ги сфаќа работите, вели Јонче.

Јонче со семејството живее во Охрид и бидејки има мало бебе, во станот нема место за него, сопругата, три деца и плус да чува куче. Затоа Алексо и Бади му живеват во село, а миленикот на ќерка му, Макс живее кај родителите на неговата сопруга. Алексо и Бади живеат сами, некогаш се случува и по неколку дена да не оди во Драслајца, но за нив нема потреба да се грижи бидејки иако им остава храна, знае дека тука се соседите, а и целото село, бидејќи сите кон Алексо се однесуваат како кон човек.

-Кога моите родители беа живи тој живееше со нив. Но, сега кога се починати живее со Бади. Дали поратата е заклучена или не тоа за Алексо нема никакво значење. Ако вратата е само затворена, сам си ја отвара а ако е заклучена со катанец, тој ја прескокнува. Оди да ги посети соседите и кога ќе му здосади сам се враќа. Слободен е да шета кај сака, но подалеку од 100 метри од куќата не оди. На Алексо во карактер му е носењето и тој ужива кога ќе го заповедаш нешто да ти донесе. Се знае да ми донесе кога ќе му побарам. Ми носи пиво, ми го носи мобилниот, кафето, а сега за Велигден носевме јајца кај соседите. Поради пандемијава движењето ни е ограничено, инаку други години за Велигден заедно со вапцани јајца цело село сме го шетале.  Носењето на птичарите им е вродено, во гените. Почна како мал со топче или папуча и потоа продолжи со разни предмети.

Многу бргу ги разбира работите иако да речеме јас никогаш не сум го учел да отвара врата ама тој сам се научи, вели Јонче.

https://www.facebook.com/jonce.spiroski/videos/10212990006185276/

Алексо не е веќе само ѕвезда во селото или во Охрид. Благодарејки на интернетот тој стана миленик на сите.  Преку клиповите за него влезе во многу срца и, како што велат коментарите, не мора да ги сакаш животните, туку ако имаш срце и душа, не може да не го сакаш Алекса.

-Навистина сите го сакаат. Мене кога ќе ми се јави некој на телефон прво ме прашува како е Алексо па потоа како ти се децата. Моите другари го обожаваат. Ќе не послужи со пиво и после како човек ке седне со нас. Без него нема седенка, тој е главен фраер. Но, тоа не го злоупотребува. Знае како да се однесува, не е досаден и внимателен е. Многу е емотивен и не дозволува да му се скараш или да му се повишиш тон.  Ако ме види намуртен си седи на место. Ми ги чита мислите.  Никогаш не сме се скарале, ниту сум го удрил. Кога нешто ќе ми се налути, го оставам некое време, ќе му помине и пак ке дојде да се дружи. На мало масиче намерно оставам храна, месо, но никогаш не посегнал. А јаде се, омилени му се грозје и јаболка. Имам посадено ореви и пред некој ден им фрлав ѓубре. Тој заедно со мене ми ја носеше кофата. За овие пет години додека сме заедно не знам колку пати Алексо покажал колку е паметен и колку те тера да го сакаш. Љубов е тоа. И оние кои ги сакаат животните ќе ме разберат, додава Јонче.

Весна Миленковска

https://www.facebook.com/jonce.spiroski/videos/10213001074381974/

https://www.facebook.com/jonce.spiroski/videos/10213048144958709/

https://www.facebook.com/jonce.spiroski/videos/10213017139503592/