Селото Лабуништа се бори со предизвикот кој му го наметна заразата со кронавирусот. Лабуништани велат дека досега има девет починати а официјалната бројка на заболени е многу поголема, бидејки не се тестирани сите, и тие не влегуваат во дневниот извештај на министерот Филипче. Архитектот Фарук Фератоски, кој живее тука, вели дека за село со околу 10.000 жители овие бројки покажуваат дека Ковид-19 има земено голем замав и дека повторно се гледа нашиот лош здравствен систем и негрижа.
Според него, два големи субјекта се виновни за оваа состојба. Едниот е негрижата на државата а другиот е на самите жители.
-Со територијалната поделба Лабуништа потпадна под Струга а здравствениот дом под Вевчани. Лабуништа е оставено со примарна амбуланта и неколку приватни ординации. Немаше ништо пред да фати епидемијата. Се случуваше болен да почине на пат за Струга, бидејки ништо нема во амбулантното возило. Јас се изнервирав па на социјалните мрежи напишав еден статус и веднаш ми се јавија од здружението „Дијаспора Лабуништа“ и донираа амбулантно возило и боци со кислород. Ова само покажува дека нема потреба да се чека на државата, туку работите ние самите жители да си ги земеме в раце. Таа ништо не превзела со години, па не сега. Само во ек на кампања се ветува. За сите овие години доградени се две одајчиња. И толку. Само се крпи. И затоа сега сме и разочарани и исплашени. Ние се познаваме меѓу себе, се знаеме кои сме, знаеме кој починал, кој е заболен. И тоа е страшно. А може. Има можност да се направи класична болница, да има породилно, да има се, вели Фератоски и додава:
„Како човек кој секогаш ги кажувал работите со вистинското име и презиме, така и сега длабоко сум трогнат од целата ситоација. Пред се жалам и длабоко сочувствувам за изгубените човечки животи, како и за големиот број на заболени. Но, како Лабуништанец постојано се прашувам зошто ни се лучува ова? Зошто само во мака ни текнува дека населено место со скоро 10.000 жители а со околните села кои гравитираат кон Лабуништа се над 18.000 жители, има катастрофален примарен здравствен систем. Па, еве, ни се случува нехуман, а пред се нечовечки третман од поголемите здравствени установи, како тие во Струга, Охрид па и во Скопје. Оставени сме на милост и немилост, а државата си молчи и само не евидентира како бројка во секојдневните статистички извештаи.“
Фератоски освен во властите, голема вина за катастрофалното здравство гледа и во самите нив, жителите на селото од кој некои се со постојано живеалиште тука а некои се на печалба. Тој вели дека „иницијатива треба да имаат и самите жители, секој треба да посака да се промени состојбата, а не да се седи, да се кука и да се бројат мртвите.“
-Народната поговорка вели-колку повеќе го “тепаш” и го притискаш еден народ, толку повеќе го правиш посилен и поцврст. Мораме да сватиме дека само лично ние можеме и мораме да си ја смениме нашата состојба, затоа што ни Господ нема да ни помогне. Секогаш треба да почнеме лично од себе и да се запрашаме: „Што правам јас за Лабуништа, а не што прави Лабуништа за мене“. Во овој контекст ги поздравувам иницијативите на нашите гурбетчии, на „Дијаспората на Лабуништа“ и на сите добронамерни луѓе. Бидејки единствен излез од руинираниот лабунишки здравствен систем е- подобрување на здравствената инфраструктура со сопствени приватни иницијативи, донации, спонзорства и здружување на капиталот. Навистина ние самите треба да обезбедиме подобра здравствена услуга во иднина. Зошто да не можеме да направиме и ние една мини болница во Лабуништа. Всушност само со 20% од капиталот што се троши за л
абунишките свадби во последните 30 години ќе го направевме тоа, вели Фератоски.
Тој вели дека идеја за изградба на болница има, заинтересирани за донации има, останува само да помине епидемијата и серозно да се зафатат со реализација.
-За аргументите да ми бидат по издржани и по конкретни како професионалец-архитект ќе кажам дека имам конкретен проект за болница на локацијата од старата амбуланта и тоа со сите дополнителни содржини. Не барам пари, сакам да дадам свој допринос, како архитект. Слушам се појавуваат донатори на поголеми и подобри локации за изградба на модерен здравствен центар не само за Лабуништа туку и за околните села како Октиси, Подгорци, Боровец, Јабланица и други. И ако, кај сака нека биде само нека се направи за доброто на сите. А јас се надевам дека оваа моја скромна иницијатива ќе стаса до ушите на секој добронамерен човек и нема да го остави рамнодушен. И Господ ја помага добронамерноста и искреноста. Само така ќе оставиме трајно дело за идните генерации, порачува Фератоски.
Весна Миленковска