Во овие тешки денови кога се бориме со опасната пандемија на корона, нашиот познат афиристичар и сатиричар Васил Толевски напиша афоризми за да не насмеат и да не поттикнат поинаку да размислуваме и да делуваме, ги наслови „Со смеа против корона”.
Во целиот свет најпрвин доаѓа короната, а потоа економската криза. Само кај нас е обратно, економската криза беше побрза.
Полесно ќе поминевме со свинскиот грип отколку со короната. Некако, свои сме!
Не се плашиме од корона вирусот. Толку влади прележавме!
Респираторите ќе ни требаат и после корона вирусот. И сега има луѓе, кои поради малите плата не можат да дишат!
Како во општеството така и кај пандемијата: Секогаш настрадуваат – позитивните.
Заштитните маски не ги измислија медицинарите! Туку – крадците.
Ако коронавирусот дојдеше порано, Македонија ќе имаше многу повеќе жители. Заради забраната никој не ќе смееше да излезе од земјата.
Сатиричарот не можете да го ставите во изолација. Нему мислите сами му излегуваат од глава.
Полесно е со Короната отколку со Водачот! За короната кога-тогаш ќе се пронајде лек.
Кај нас стравот од короната е обичен, како и сите останати стравови. И тој ни влегува во коските.
Глобална економија: короната ја произведуваат богатите, а ја трошат сиромашните.
За да ја контролираат короната научниците планираат на луѓето да им вградат чипови под кожата. Ние немаме потреба од тоа, нас партиите не чипираа во главите.
Во борбата против короната морате да го следите модниот стил на крадците! Заради отисоци носете гумени ракавици, а за да го заштитите идентитетот ставете маска на лицето.
Корона вирусот има нозе! Инаку, како побегнал од некоја лабораторија?!
Овај корона вирус е страшно љубопитно суштество. Тоа би сакало да се запозна со секој човек на планетава.
Кога би барале од каде потекнува вирусот на неодговорност, нашата Влада би можела да ја наречеме -Вухан!
Затворени во своите кафези увидовме како им е на животните. Разлика е само што тие немаат брашно и квасац.
Докторите вредат повеќе отколку фудбалерите. Освен ако е – доктор за фудбал!
Не знаевме дека маските и ракавиците се поважни од топовите и тенковите. Тие подобро нé штитат од непријателот.
Дали и дволичните мораат да ставаат маски? Една веќе имаат!
Од корона вирусот може да стане успешен политичар. И тој позади себе остава пустош.
На државните функционери миењето раце не им паѓа тешко. Тие и онака од секоја неволја што го зафаќа народот – мијат раце.
Короната потекнува од земјата од каде ми се и чевлите! Од Кина.
Во време на Милошевиќ короната не ќе можеше да влезе во Србија. Во тоа време Србија беше најизолирана земја во светот.
Васил Толевски е истакнат припадник на најновиот бран современи македонски сатиричари. Роден 1956 година, а во сатирата е присутен од 1982 година, како соработник на најголемите весници и списанија за хумор и сатира. Главен уредник за хумор во Студентски збор и еден од покренувачите на весниците Македонски остен, како и последните изданија на Остен.
МИА


