Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, кој раководи и со општинскиот Оперативен штаб, денешната прес конференција ја почна со вестa дека шести ден по ред нема нови заразени лица со „Ковид-19″.
-И во последното деноноќие, шесто по ред, нема новозаразени со коронавирус,што значи дека бројката
останува 51 инфициран со опасниот вирус, од нив две лица од Центар Жупа. Во последните 24 часа меѓу регистрираните излекувани од страна на Институтот за јавно здравје се и четворица наши сограѓани, кои се лекуваа во домашни услови. Во моментов, во домашна изолација се 53 лица, рече Дука.
Тој информира дека полицискиот час за време на продолжениот викенд целосно се почитувал. Во истиот период, не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир, кражби и сообраќајни незгоди.
Волонтерите на Црвен крст, како и до сега, рече Дука, беа во служба на граѓаните кои имаа потреба од набавка на неопходни намирници и лекови. Имале 22 повика, од нив шест повици за храна 16 за лекови.
Територијалната противпожарна единица имала две интервенциии, една во приватна куќа,додека другата во градската депонија. На ниво на својата задача се и вработените во Јавното комунално претпријатие „Стандрад” кои и покрај тоа што беа празнични денови, редовно го подигаа отпадот.
-Она што треба да се знае е дека се уште важи забраната за работа на кафулиња, барови, клубови, казина, спортски обложувалници, спортски објекти и фитнес клубови.Тоа ќе важи се до донесување друга мерка, рече тој.
Дука се задржа и на, како што рече, дезинформациите кои се пренесуваат преку социјалните мрежи.
-Во овој период на криза освен другите проблеми кои ги имавме се соочивме и со дезинформации објавени на социјалните мрежи. Со цел да не се создава заблуда ги замолуваме граѓаните за се што сакаат да дознаат да се обратат до канцеларијата за информации,каде ќе добијат официјална информација во врска со некоја проблематика.Тоа може да го сторат и на профилот на општината и на
Оперативниот штаб на социјалната мрежа Фејсбук, рече Дука.
Посочи дека транспарентооста е многу важна во работата и функционоирањето на градоначалникот и општината, за што е создадена потребната инфраструктура.
МИА