Општина Свети Николе одлично се справува со пандемијата, досега во оваа општина нема регистрирано ниту едно лице позитивно на коронавирус, информира денеска градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски. Но, тој апелира граѓаните да не ширан лажни вести на социјалните мрежи
– Ве замолувам без ширење на лажни вести за можни лица заболени од коронавирусот. Не се потребни вакви вести во овој сензитивен период за сите нас. На територијата на општина Свети Николе не е регистрирано ниту едно лице заболено од Ковид -19, вели Велковски.
Тој посочи дека во моментот 27 лица се наоѓаат во самоизолација и истите се придржуваат на мерките и препораките на Владата и Министерството за здравство. За време на продолжениот викенд 43 лица не ја почитувале мерката за забрана на движење и против истите се поднесени кривични пријави согласно Кривичниот законик.
– Апелирам до сите граѓани, да ги почитуваат мерките и препораките за забрана на движење и превенциите за заштита и држење растојание од два метри, истакна Велковски.
МИА