Вкупно 73 граѓански организации, мрежи и платформи бараат Владата да ја преиспита и промени одлуката со која финансиската поддршка за невладиниот сектор се намалува за околу 525.000 евра.
Одлуката е објавена во Службен весник на 9 април 2020 година, а граѓанските организации сметаат дека е донесена на нетранспарентен начин, без консултација со нив и пошироката јавност.
– Оваа одлука со која финансиската поддршка, зависно од институцијата, или целосно се укинува или сериозно се намалува, е донесена на нетранспарентен начин, што говори за непринципиелниот однос на Владата кон граѓанското општество во ова кризно време. Со тоа што се намалуваат приближно 525.000 евра неопходна поддршка, државата де-факто го иззема граѓанското општество како релевантен партнер во справувањето со кризата предизвикана од Ковид-19. Имаме целосно разбирање за кризната состојба и за потребата од солидарност, но во услови кога работиме на санирање на штетите од новонастанатата ситуација со што и помагаме на Владата во справувањето со здравствената криза, вакви сериозни намалувања ќе бидат штетни по долгорочната работа на граѓанските организации. Заради тоа ја повикуваме Владата да ја промени својата одлука и преку дијалог и на транспарентен начин да врати дел од средствата за нивната првична намена – поддршка на граѓанските организации за остварувањето на нивните мисии и цели, но особено за поддршка на активноститеза справување со кризата предизвикана од епидемијата, наведува граѓанскиот сектор.
Како што стои во реакцијата, налаувањето на поддршката сериозно ја отежнува одржливоста и тековната работа на организациите, особено во однос на нивната помош и поддршка на заедниците во време на криза.
– Намалувањето на финансиската поддршка го лишува секторот од значаен извор на средства неопходни за функционирање во и вон услови на криза, ја загрозува достапноста на поддршката што организациите ја пружаат на граѓаните и во крајна линија ќе доведе до ситуација во која луѓе од секторот ќе останат без основниот извор на приходи, пишува во барањето потпишано од 73 граѓански организации, мрежи и платформи кое и официјално е доставено до Владата.
МИА