Јубилеј: Пред 70 години Царево Село, во чија околија се случија Разловечкото востание и Пијанечката Република, е преименувано во Делчево   – ММС
ММС

Објавено на: 04/20/20 6:09 AM

Јубилеј: Пред 70 години Царево Село, во чија околија се случија Разловечкото востание и Пијанечката Република, е преименувано во Делчево  

Најголемата населба во Пијанец, која во византиско време се викала Василево, во турско – Султанија, од април 1950 година од Царево Село е преименувана во Делчево, според Гоце Делчев, големиот македонски револуционер, а токму во Пијанец, низ кој поминувале многу војски кои вршеле големи злосторства, револуционерниот дух бил секогаш присутен и токму овде избувнало Разловечкото востание и беше создадена Пијанечката Република

Пишува: Љупчо Шатевски

Делчево, град на крајниот македонски исток и најголема населба во пијанечкиот крај, имало бурна и мачна историја. Во византиско време населбата се викала Василево. Првпат како Царево Село се споменува во еден декрет на цар Душан во 1347 година, а во турско било именувано како Султанија. Со указ на Народното собрание на Народна Република Македонија од 23 април 1950 година, кој веднаш потоа бил усвоен и од општинските власти, градот Царево Село е преименуван во Делчево, според големиот македонски револционер Гоце Делчев.

Богата историја, но натопена со многу крв и страдања

Историјата на Пијанец и на Делчево, е навистина пребогата, но, за жал, речиси секогаш натопена со многу крв и страдања. Како пограничен крај бил изложен на сите ветрометини што се случувале на овие простори, од кои најмногу страдало населението.Токму затоа и во Пијанец форми на организиран отпор на народот имало и неколку децении пред Илинденското востание.

Пред се` тоа се Разловечкото востание од 1876 година под водство на поп Стојан Разловски и Димитар Беровски, а две години подоцна и создавањето на Пијанечката Република, во која, веднаш по Руско-турската војна, повеќе од два месеца населението живеело слободен живот. Незадоволен од развојот на настаните во врска со  Македонија од Руско-турската војна, без согласност на руската војска на чија страна се борел, од Ќустендил во Пијанец дошол војводата Илија Марков или Дедо Иљо Малешевски со својата чета, на која потоа и` се придружила и четата на Димитар Беровски. Ги разоружале башибозучките банди, формирале востаничка власт со селски старешини, полициска стража, комисија од народни првенци… Републиката функционирала до крајот на март 1878, кога во Царево Село и во другите пијанечки села дошла силна турска војска.

Делчевскиот историчар Славчо Десподов (69), кој пред четири години објави богата монографија за Делчево и за Пијанец, истакнува дека во тој крај и секој камен мириса на историја, на страдања, но и на бунт.

– Маките на населението продолжиле и во 20. век – во  балканските, Првата и Втората светска војна и во периодот помеѓу нив. Пограничниот Пијанец секогаш бил прв на удар. Низ месноста Црна Скала немало војска што не поминала. Сите оставале пустош. И во „турско“, и во „српско“ и во „бугарско“, а стигнале дури и Грците. До 1872 година Пијанец бил под јурисдикција на грчката патријаршија, а потоа на бугарската егзархија. Во Втората балканска војна грчката војска во Пијанец дошла преку Струмица и Берово. И тие извршиле повеќе убуства, силувања и грабежи врз недолжното население. Во монографијата објавив и заробено писмо од грчки војник до неговото семејство во Грција од 12 јули 1913 година, во кое војникот Зервас напишал: „По наредба на Кралот, ги палиме сите бугарски села. Ние се покажуваме многу посвирепи од Бугарите“. А зошто Бугарите би биле свирепи во „своите бугарски села“ – вели Десподов.

Мирот целосно не завладеал ни во првите години по ослободувањето   

Педесеттата македонска дивизија влегува во штотуку ослободеното Делчево во 1944 година

И во првите години по Втората светска војна и ослободувањето од фашистичката окупација, мирот и слободата во Пијанец уште целосно не завладеале. Како што вели Десподов, пограничниот крај станал арена на необјавена војна по конфликтот на Југославија со СССР и Информбирото од 1948 година.

Се трупала војска од двете страни на границата со Бугарија, која била затворена. Се водела пропагандна и диверзантско-шпионска војна. Деноноќно се поставувале заседи во кои било вклучувано и месното население, илегално се префрлувале луѓе од двете страни на границата, се користеле тајни канали преку кои пред повеќе децении се внесувало оружје во Македонија за револуционерното движење. Настрадале повеќемина луѓе од двете страни на границата. Неколкумина делчевци во тие матни времиња завршиле и на Голи Оток, од каде што не се вратил Ефтим Џабирски. Таквата состојба траела до 1955 година.

Царево Село станува град во 1912 година

Делчево станува град пред нешто повеќе од еден век. Со указ од 1912 година, тогашното Царево Село официјално било издигнато на повисоко административно ниво и добило статус на град и седиште на новоформирана општина.

Царево Село кога станало град

Низ Делчево минува Брегалница, по Вардар втората по должина река во Македонија. Населбата некогаш била на десната страна од реката, а се претпоставува дека е префрлена и од другата во 17. век, кога во делчевската околија престојувал султанот Мехмед IV. Тогаш било извршено и масовно потурчување на населението.

Затоа и во следните два века во структурата на населението доминирале помаците, кои не го познавале турскиот јазик, потоа имало и извесен број чистокрвни турски семејства, а само неколку фамилии биле на македонски христијани. Нивниот број почнал да се зголемува во 1856 година, кога во Царево Село била изградена православна црква, и во 1873 година изнесувал на 109 семејства. По завршувањето на балканските војни, во кои многу битки се воделе на овој терен, војни со кои Македонија била распарчена на три дела, Царево Село во 1914 година имало 1.700 жители, а во 1931 – 3.700. Во 1971 година Делчево имало 5.100 жители, во 1981 – 8.000, а во 2002 година, според последниот попис, 11.500 жители и уште 6.000 што живеат во селата во општината Делчево.

Делчево пред педесетина години

– Многумина се прашуваат од каде потекнува името на Пијанечката Котлина, на Пијанец. Според една научна теорија, Пијанец го добил името по Пеоните, но има и две легенди. Според едната, во житото во овој крај тогаш имало и некое растение што опивало. Според другата, пак, Пијанец го добил името по сината слива што и денес масовно се одгледува во овој крај. Печената сина слива тогаш се продавала и во Солун, а од количествата што ќе останеле се правела ракија – објаснува  историчарот Славчо Десподов.

Делчево денес

И ГРАД ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА

ГО НОСИ ИМЕТО НА ДЕЛЧЕВ

Името на големиот македонски револуцинонер Гоце Делчев Делчево го носи од 1950, а од 1951 година и Неврокоп, град во Пиринска Македонија, денес во Бугарија, го добива името Гоце Делчев. Во врска со Делчев, а и не само за него, имаме и ќе си имаме многу „братски“ главоболки со официјална Софија. Тие често знаат да бидат и комични, како изјавата на бугарскиот партиски лидер и парламентарец Валери Симеонов пред два месеца.

„Ако Гоце Делчев бил навистина македонски револуционер и ако низ годините сите во Македонија биле убедени во тоа, зошто не крстија некој град со неговото име. Бугарија тоа го направи многу одамна“, рекол Симеонов за бугарската агенција „Фокус“, а пренесе „Мета“.

Некои сметаат дека Симеонов бил поголем бугарски националист и од Каракачанов, но, очигледно, е многу помалку информиран.