Американски студент во Северна Кореја: живеел во луксузен хотел, а судирал во мрак – ММС
ММС

Објавено на: 06/5/18 10:53 AM

Американски студент во Северна Кореја: живеел во луксузен хотел, а судирал во мрак

Џепесен студирал корејски јазик, но неговиот живот на странски универзитет бил прилично поинаков од животот на обичните студенти на размена. Живеел во луксузен, но празен хотел и со него постојано имало двајца чувари кои внимавале Американецот да не види нешто што не смее.

Но, тој не бил единствениот странски студент, имало и еден Французин и еден Австралиец. Австралиецот му бил цимер во собата на 28. кат од хотелот „Сосан“.

– Бевме единствените гости на целиот кат. Во собата имавме два големи кревети, модерен мебел, огромен ормар и балкон со неверојатен поглед на цел Пјонгјанг – напишал Џепесен во книгата „Се гледаме во Пјонгјанг“.

Единствените луѓе со кои се дружел Американецот во хотелот биле бизнисмените што доаѓале повремено, но и тие го предупредувале што помалку да зборува за политичката ситуација и напнатоста меѓу САД и Северна Кореја.

Интересно е што студентот секое утро имал будење во пет часот бидејќи во градот одекнувала песната „Каде си, драги генерале?“, посветена на Ким Ил-сунг.

– Нешто најбизарно што сум го доживеал. Како во филмовите. Тие сцени се потсетник дека драгиот лидер е со тебе каде и да одиш, во секој момент – истакнува Џепесен.

Тој одел на предавања по два часа секој работен ден. Во текот на викендите тој подучувал, пишувал задачи или одел на екскурзии. Што се однесува до колеџот, Џепесен бил шокиран.

– Главно немаше електрична енергија, ходниците беа во целосна темница. Исто така, ги избегнував тоалетите бидејќи нешто не беше во ред со цевките. Ужас! Тоа беше потсетник дека бев во сиромашна земја од третиот свет – вели тој.

Исто така, забележал дека речиси секое домаќинство во Пјонгјанг имало свој шпион. Тие гледале што се случува во нивната област и ги известувале властите на крајот од секој месец.

– Таа работа претежно ја работат неупадливи средовечни луѓе. Вистинскиот шпион има очи за секој детаљ, точно знае колку лажици и виљушки има едно семејство, со кого се дружи, за што зборува… Сепак, повеќето од овие шпиони се поткупливи и може да се договорите со нив – раскажува Џепесен.