Самохрани родители, не заспивајте гладни со вашите деца- Панчо и Андреј од ДНК нудат помош на сиромашните да ја пребродат кризата – ММС
ММС

Објавено на: 04/17/20 4:25 PM

Самохрани родители, не заспивајте гладни со вашите деца- Панчо и Андреј од ДНК нудат помош на сиромашните да ја пребродат кризата

Панчо и Андреј од дуото ДНК одлучија на ранливите категории граѓани да им помогнат во оваа состојба на пандемија, кога многу се останати без работа и немаат храна.  Според нив, ако овој и наредниот месец  се очекува состојбата да ескалира, тогаш навистина за многу семејства ќе биде многу тешко. Затоа објавија апел за сиромашните граѓани да им се обратат и како што велат, колку толку да им помогнат, со напомена дека „поени и пофалби не им требаат, туку реализација на дело“.

– Ако не работат нормално е да немаат пари, а со тоа и да немаат како да купат основни намирници за дома. Ги молам да не се срамат и да одат со празен стомак на спиење или не дај Боже нивните деца. Предност нека имаат самохраните родители .Слободно нека  пишат во инбокс. Некогаш и јас сум барал и  во тоа нема ништо срамно. Срамно е да крадеш, лажеш и манипулираш со луѓе. Да не се сфатиме погрешно, и јас сум и ние како ДНК, сме затекнати од целата ситуација. И моите примања се комплетно скратени, но тоа малку што го имам би сакал да го поделам со некој  кому навистина му е потребно и во моментов е спречен за да го донесе на својата трпеза, вели Панчо.

Панчо и Андреј велат дека се свесни дека живеат од луѓето и ова е единствена можност  да им возвратат.

„Лесно е да си меѓу луѓето, тешко е да си човек. Ова ми го има пренесено мајка ми, на која сум многу горд. Сакам луѓето да не паметат по добрина. По тоа што сум добар човек, не по тоа што сум направил со мојата професија. Секогаш се водам по мојата внатрешна емоција.  Верувам дека сите, како ние, ова ќе го сторат. Па живееме за да си подадеме рака. Лично сметам дека ова е моментот. Ако можам јас, кој немам никакви примања  повеќе од  месец  и половина можат и другите. Верувам дека се уште има добри луѓе, вели Панчо.

Лесно е кога зад себе имаш љубов и домашно воспитување. Тој само сака да го спроведе во дело аманетот од мајка му и дека не е потребно тапкање по рамо.

-Сакаме да помогнеме и да ги поттикнеме  другите луѓе, семејства кои имаат малку повеќе од она што им е потребно да дадат на оние кои навистина  немаат, за да ја пребродат кризава. Јас лично ќе се потрудам да помогнам во рамките на моите можности и буџет за да им дадам она што е основно и без што не можат во моментов. Се надевам дека нема да биде злоупотребувано и помошта ќе заврши на вистинското место. Исто сакам да упатам апел до моите пријатели кои се во можност да одделат малку храна од нивната трпеза, од домашната кошничка и слободно да го поделат,  да подадат рака на нашите сограѓани кои во моментов тоа им е најпотребно, додава тој.