Борка и Павле Лукановски 55 години ја слават галичката свадба – ММС
ММС

Објавено на: 06/5/18 10:37 AM

Борка и Павле Лукановски 55 години ја слават галичката свадба

Павле и Борка Лукановски се единствените жители на Галичник кои престојуваат во ова најстаро село во Мијачкиот крај и преку зимата. Павле е внук на Kрушевскиот војвода Трпко, кој во борба со османлиите загинал на 31 јули 1903 во близина на Крушево .

„Дедо ми загинал непосредно пред прогласувањето на Крушевската Република. Учествувал во воспоставувањето на востаничка власт, но во една борба против Турците во близина на Крушево загинал. Мојот татко се родил два дена подоцна“, вели 75-годишниот Павле.

Тој и сопругата Борка пред две години правеле златна свадба. Постојано се присетуваат на моментите кога Борка од Кичево дошла да работи во Галичник. Се запознале и се засакале. Нивната долгогодишна љубов и љубовта кон Галичник направиле да бидат цели 55 години современици на манифестацијата Галичка свадба.

„Правевме свадба три години по најновото востановување на оваа убава традиција. Но, нашата свадба не се случи на Петровден, туку мораше во зима. Убаво се сеќаваме на таа 1966 година, кога снегот не беше пречка да дојдат сите наши најблиски на свадба“, велат сопружниците Лукановски, на кои наредните неколку години им се родиле ќерка и син, а подоцна од нив и три внуци, Марко, Филип и Симона.

„Пред триесетина години имавме стадо од 500 молзни овци. Но, со оглед на сè потешките услови за одгледување, денес чуваме само педесетина колку за наши потреби. Овчарството во овој крај стагнира. Ако на времето имало над 10.000 овци, денес пасиштата на Бистра се празни, има десет пати помалку. Борка цел живот работи како готвач и сега е главна во кујната. Јас сум страстен ловџија, а таа е мајстор да зготви дивеч. Но, најмногу уживаме во галичкото сирење и кашкавал“, вели Павле, поранешен хемиски техничар од „Охис“.

Ова старо галичко семејство е дел од познатите галички дејци како сликарот Лазар Личеноски, иконописецот и резбар Макарија Фрчкоски, првиот македонски учебникар, филолог, фолклорист и митрополит Партениј Зографски, писателот преродбеник Ѓорѓија Пулевски, музичкиот гениј Александар Сариевски и други.