Архимандрит Партениј: „Секое зло за добро“ – во ова богодопуштено време да се пронајдеме себе во себеси – ММС
ММС

Објавено на: 04/17/20 10:58 AM

Архимандрит Партениј: „Секое зло за добро“ – во ова богодопуштено време да се пронајдеме себе во себеси

БВ: Се наоѓаме неколку дена пред големиот христијански празник Велигден, а човештвото е исправено пред големиот предизвик како да се преживее и да се спаси од пандемијата. Како ја доживувате заразата со коронавирусот? Пандемијата не само што им го смени начинот на живот на граѓаните, туку во голема мера им го смени и начинот на размислување и сфаќање на животот. Кои се вашите размисли за ова што ни се случува?

Архимандрит Партениј: Размислувајќи за општата ситуација со пандемијата, деновиве се потсетив на еден мошне интересен детаљ од Светото Писмо. Имено, кога Израилскиот народ бил поробен од вавилонскиот цар Навуходоносор, Пророк Варух им зборувал на поробените: „молете се на Господа за Навуходоносор… и Господ Бог нека ни даде сила и нека ги просвети очите наши“ (Варух 1,11-12). Ги советувал, значи, да се молат за нивниот поробувач! Толкувајќи го ова, големиот учител на христијанските добродетели, Авва Доротеј, вели дека пророчките зборови ја изразуваат доброволната покорност што треба да ја имаме во несреќите и искушенијата што ни се случуваат во животот. Зашто токму преку нив ние духовно се зацврстуваме и се просветлува нашиот внатрешен вид.

Така, во секое искушение што нè снаоѓа, ние треба да ја пронаоѓаме Божјата семилостива промисла за нас и да го исползуваме тоа испитание за сечие добро. Нашиот народ честопати повторува една преубава изрека: „Секое зло за добро“. Ова не се само празни зборови за некому да му се даде некаква плитка утеха. Напротив, оваа фраза крие во себе длабока теологија. Според значењето таа се изедначува со она евангелското: „Преку крст до воскресение“. Впрочем, да се потсетиме дека Господ Христос го ползувал секое искушение, секое зло, за да направи многукратно добро. Преку Своето Сопствено страдание и Крст, му дарува на светот воскресение, живот и радост. „Зашто, ете, преку Крстот дојде радост за целиот свет“ – пееме во една црковна химна. Па така, треба да Му дозволиме, преку молитва, покајание и смирение, и ова искушение да го претвори во општо добро. И секако, смирено да се молиме да се смилува, за што побргу, со Негова помош, да се надмине оваа криза.

Денес несомнено, човештвото ја покажува својата крајна немоќ; гордиот и супериорен ‘над-човек’,  самозамислениот ‘господар на светот’, сега, во 21 век, во екот на најголемата технолошка експанзија, го гледаме стуткан од страв, испаничен и немоќен. Се плаши и се крие од еден непријател, толку „голем“ што не е дури ни видлив за човечкото око. Гледате каква иронија?! И трагичното не е тоа што сега нè камшикува некоја казна Божја – не, туку нè камшикуваат плодовите на нашите сопствени дела. А зошто е тоа така? Затоа што мнозинството луѓе се оддалечија од својот Отец и Творец. И сега ги жнееме плодовите на тоа оддалечување. Се оддалечивме од Бога, а со тоа се оддалечивме и од самите себе и од нашите ближни. Станавме идоли самите на себе. „Идол на самиот себе постанав…“ – како што вели Свети Андреј Критски во неговиот Покаен канон. Ја изгубивме страхопочитта кон Бога, а со тоа и почитта меѓу себе. Човештвото се беше впуштило во една безумна трка за материјални богатства, слава, моќ, суета… Во една неодамнешна моја проповед кажав дека современата цивилизација во многу нешта наликува на ужасен ѕвер, кој немилосрдно трча да консумира сѐ што ќе види; доколку не успее да консумира баш сѐ, тогаш тој останатото го расфрла, уништува, гази под нозете. Ја претвори планетата во масовна гробница на природата, но и на човечкиот дух. Желни за што поголема материјална заработка, работодавците безобѕирно ги принудуваат работниците да работат и во неделите, на празниците, не оставајќи им простор и време да отидат в црква да се помолат и да поминат малку повеќе време со семејството. Од друга страна, и многумина од работниците доброволно се согласуваат да работат на празници и прекувремено, за што поголема печалба, без да бидат свесни, и едните и другите, дека на тој начин прават дисхармонија во човечките души, во семејната клима, а со тоа и во целото општество. И ете, дојде време таквата неблагословена оптовареност да си го наплати данокот. Мојата покојна баба често велеше: „парите заработени за време на празник, кога не треба да се работи туку да се појде на молитва, да знаете дека никогаш не завршуваат на арно“. Таа објаснуваше на едноставен начин, со прости зборови, но предвид ја имаше целокупната состојба на богоотстапништво. Нашиот добар небесен Татко од нас бара доброволно да ги запазуваме начелата на верата, празниците, молитвата, постите, семејните вредности и меѓусебните односи на топлина и радост, а сега ни се наложи по неопходност да се прибереме, да се смириме. Затоа, да бидеме мудри и да го исползуваме ова богодопуштено време, оваа своевидна општа епитимија, за да се пронајдеме себе во себеси, да ја почувствуваме вродената поврзаност со нашите со-луѓе, да се задлабочиме преку покајание во боготкриената вера, да стасаме преку преумување до преслаткиот наш Христос – Исцелителот на човечките рани и болести и Воскресителот на нашите души и тела.

Б.В.: Отец Партениј, како Вие лично и монаштвото во манастирите: Бигорски, „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица, „Св. Богородица – Пречиста“ – Кичевско и „Св. Георгиј Победоносец“ во кичевското село Кнежино, се справувате со пандемијата и како се штитите од коронавирусот?

А.П.: Со оглед на тоа што ширењето на коронавирусот во Македонија започна најнапред од Дебар и Дебарско, преку повратниците од Италија, Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица беше веднаш ставен во карантин од страна на државните власти, а пристапот во Бигорски – значително ограничен. До денес се трудиме совесно да се придржуваме до препораките на здравствените институции за ограничено движење, повисок степен на хигиена и сл., а во истото ги советуваме и нашите духовни чеда и пријатели. Во оваа прилика, би сакал да им ја искажам нашата огромна благодарност на здравствените работници и на сите коишто се жртвуваат на првата борбена линија за општото добро на сите. Со нивниот подвиг во овие тешки денови, тие на дело ја исполнуваат заповедта за љубов кон ближните. Сите тие постојано се присутни во нашите скромни молитви, а нивното дело останува неизбришливо запишано во вечноста.

Б.В.: Како верниците кои се сместени во Манастирот се справуваат со корона вирусот?

А.П.: Верниците што се затекнаа во нашите манастири при спроведувањето на мерките за заштита од државните и здравствените власти, го делат истиот удел и истите одговорности со монасите и монахињите.

Б.В.: Како изгледа еден ден во Бигорскиот манастир? Како се одвиваат богослужбите во ваква ситуација, кога  спрема препораките на Министерството за здравство и Владата не треба да има масовни собирања?

А.П.: Манастирското секојдневие останува непроменето, со исклучок на тоа што периодов го немаме вообичаениот интензитет на посетители. Тоа значи дека без разлика на отсуството на големиот број верници, богослужбениот живот се одвива непречено. Како игумен, јас им благословив на браќата и сестрите да се молат дури и повеќе, бидејќи молитвите во едно вакво време се насушни за сите. Згора на тоа, најголемиот дел од верниците сега не се во можност да присуствуваат на богослужбите, а нам, на монасите, коишто живееме во Божјите светилишта, основна должност ни е молитвата за сите. Со цел да им овозможиме на верните барем на некаков начин да се придружат на нашите молитви, во изминатиов период вршевме директен пренос на дел од богослужбите, особено на оние позначајните, преку нашите официјални профили на социјалните мрежи. Се радувам и Му благодарам на Бога што преносите имаа голема гледаност и многубројни души беа еднодушно слеани во заедничка молитва.

Б.В.: Овие денови голем број научници од земјата и светот се обидуваат да дадат одговор на прашањето кое сите постојано си го поставуваме: што, всушност, преставува оваа заразна болест? По социјалните мрежи кружат и разни теории на заговор, мислења дека се ближи крајот на светот и сл. Кое е вашето мислење за оваа пандемија во врска со тоа?

А.П.: Во овие дни кога ја доживуваме сета оваа трагичност на човечката беда, нормално е човек да се запраша што ни се случува и од каде доаѓа сево ова. Јас не сум експерт по медицински и микробиолошки науки, ниту, пак, сум виролог, но од моите скромни познавања во областа на биологијата, знам дека вирусите, како независни вирални честички што како паразити се хранат од клетките на живите организми, се најраспространетите биолошки ентитети во природата. Меѓутоа, како што веќе напоменав, човекот со својата потрошувачка ‘цивилизација’ драстично го наруши природниот екосистем и сега сите ги чувствуваме последиците од тоа. Впрочем, од она што имав можност да прочитам изминативе недели, одредени научни кругови, следејќи го развојот на вирусите во животинскиот свет, одамна ја предвидуваа пандемијата и предупредуваа за неа. За жал, поради неправилниот однос, конкретниов вид на вирус се пренесе од животните на човекот. Не ја исклучувам можноста распространувањето на вирусот да е и лабораториски помогнато од одредени злобни структури како своевидно биолошко оружје, но не сакам да навлегувам во тоа, бидејќи засега тоа не е докажано. Како и да е, сѐ станува според Божјо допуштение. Тука би сакал да го истакнам значењето на нашето христијанско културолошко и цивилизациско наследство во секој поглед, вклучително и во областа на кулинарството. Како култура на богооткриената вистина, Христијанството отсекогаш, започнувајќи уште од времето на Стариот Завет, негувало еден здрав начин на исхрана, со категоризирање на она што може, а што не може да се јаде, со упатства за соодветна подготовка на храната и термичка обработка на месото. Сепак, во една ваква ситуација не би можеле да обвиниме никого, или поточно, сите ние сме винови, зашто сите ние „грешевме и беззаконувавме и ништо добро не направивме пред Бога“. Но, сега повторно до израз доаѓа генијалноста на Божјата љубов, која ни испраќа можност да ги увидиме милоста Божја и даровите што Он секојдневно ни ги испраќа, како и вредностите на животот што му даваат смисла на нашето постоење.

Во врска со т.н. теории на заговор и заплашувањата дека се случува крајот на светот, сметам дека нема потреба поопширно да коментирам. Ваквите панични изливи што сеат само страв, несигурност и поматеност во мислите и срцата на луѓето, немаат допирна точка со православното богословие, туку напротив, го одвраќаат човекот од правилната насока на покајание и богомислие. Ваквата „апокалиптична теологија“ произлегува, главно, од одредени протестантски кругови од Америка и Европа и за жал, преку руската сколастика во 19 век, се вовлекла во религиозната мисла и на овие простори. А нашата православна теологија е теологија на Евангелието, на благата, радосна вест. Ние Го чекаме прекрасниот наш Христос, а не некој друг. Во контекст на ова, многу ми се допаѓа мислењето на новопојавениот светија на православната Црква, Преподобен Порфириј Кавсокаливит, кој се упокои во 1991 година. Запрашан што мисли за крајот на светот и за Второто Христово Пришествие, боговдахновениот Старец одговорил: „Знам дека ќе се случи Второто Христово доаѓање, но кога – не знам… И не се беспокојам околу тоа. Зашто знам дека часот на смртта за секого од нас е всушност второ доаѓање на Господа. А тој час е многу блиску“. Така што, сметам дека не е полезно да си го трошиме краткото време од нашиот живот на нешта што нема да ни донесат полза, туку на она според кое ќе бидеме препознаени од Господа, а тоа е – љубовта. Во Светото Евангелие, Господ Исус јасно кажува кој е критериумот според кој ќе го суди човештвото: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот; зашто, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене“ (Матеј 25,34-36). Гледате? Љубовта што сме ја покажале (или не покажале) кон ближните ќе биде нашиот одговор пред Бога. Тоа Самиот Христос го кажа. И на крајот од краиштата, на Господ не Му се потребни адвокати да Го бранат од Неговите непријатели, туку Он нам ни е потребен, зашто без Него не можеме ни да дишеме. Да внимаваме, да не случајно, окупирани во мислите и во срцето со антихристот, Го изгубиме Христа… Подобро, да ја исползуваме оваа криза за едно подинамично приближување кон себеси и кон другите околу нас, така што да се зацари љубовта и мирот Божји во нашиот живот. „Останете во Мојата љубов!“ – вели Христос. „Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова. Ова ви го реков за да остане радоста Моја во вас и радоста ваша да биде полна“ (Јован 15,9-11).

Б.В.: Оче Партениј, како ќе се одрази пандемијата врз животот на луѓето во иднина?

А.П.: Се надевам дека во контекст на сето досега кажано, сите ќе извлечеме духовна полза и што повеќе луѓе ќе се обратат во покајание кон нашиот Бог и Создател.

Б.В.: Оваа 2020 година  треба(ше) да биде посветена на големиот, навистина редок и уникатен по значење јубилеј -1000 години од основањето на Светата Бигорска Обител и на 25 годишнината од возобновувањето на монаштвото во Бигорскиот манастир. Како се одвиваат подготовките за одбележување на овие два големи јубилеи. Дали пандемијата ќе го доведе во прашање неговото одржување?

А.П.: Се надевам дека со Божја помош ова глобално искушение ќе биде надминато, така што ќе можеме непречено да го прославиме големиот јубилеј. Како што е веќе познато, ние во соработка и со благослов на нашиот почитуван Митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски го утврдивме 18 октомври како ден за централната прослава, а овој датум беше потврден и од целиот Синод на МПЦ-ОА.

Б.В.: Покрај активностите за одбележување на двата јубилеја, кажете ни и за останатите активности?

А.П.: Во една прилика веќе набројавме дека веќе се подготвува документарен филм посветен на јубилејот, песна со видеоспот, неколку книжевни изданија, изложба на икони и предмети со духовна и културна вредност од Бигорски во соработка со МАНУ. Се планира, исто така, и медиумска кампања за подигнување на свеста кај нашата јавност за значењето на јубилејот. Но, остварувањето на сето ова зависи од тоа колку долго ќе трае оваа криза, како и од финансиската помош што ја очекуваме од државата, од фирми и поединци што имаат разбирање и добра волја да помогнат, но и свест за огромното историско значење на Манастирот, кој не е само едно локално светилиште, туку духовен центар со суштествена важност за целиот наш народ.

Б.В.: Како ќе се одбележат Велигденските празници во четирите манастири со кои раководите?

А.П.: Пред неколку дена, Светиот Архиерејски Синод на МПЦ – Охридска Архиепископија, по угледот на останатите помесни православни Цркви, донесе решение во кое, меѓу другото, се вели дека „ја истакнува потребата од продолжување на вонредната мерка за јавните собири, која прецизно го ограничува движењето и групирањето на луѓето, а која ќе важи како за овие денови, така и за периодот на претстојните Велигденски празници“. Потчинувајќи се на одлуката на нашето врховно Црковно тело, како и на мерките на државните и здравствените власти, нашите манастири ќе ги извршуваат сите богослуженија, но практично нема да бидат во можност да примаат верници.

Б.В.: Вашата Велигденска порака?

А.П.: Оваа година, Бог допушти никаде во светот да не може да има масовна прослава на Неговото Воскресение. Причините за тоа веќе ги изложивме – Он нè повикува на поголемо покајание и себеиспитување, на враќање на човекот кон човечноста, на поголема почит кон Творецот и кон севкупното Негово создание. Иако за Велигден храмовите насекаде беа, можеби, полни, прашање е колку искрено Го баравме и Го почитувавме Бога и дали правилно ги славевме Неговите празници. Во врска со ова, особено ме трогнува песната на рускиот поет и писател Димитриј С. Мережковски, „Христос воскресе“:

„Христос воскресе!“ – пеат во храмот;
Но мене ми е тажно… душата молчи,
Свет полн со крв и солзи,
И оваа химна пред олтарите
Така жално звучи.

Кога Он би бил меѓу нас и би видел,
До каде стаса нашиот славен век,
Како брат брата замразил,
Колку посрамен е човек,

И ако овде, во блескавиот храм,
„Христос воскресе“ Он би слушнал,
Со какви горки солзи
Пред толпата би заридал!

Затоа, овој Велигден да дозволиме зраците од Воскресението да продрат во нашите срца, очистени преку подвигот на покајание, молитва и добри дела кон ближните, та исполнувајќи се со неговата обновувавчка сила, да извојуваме победа не само против искушението со вирусот, туку и против многу пострашниот непријател – човечката крајна неосетливост, себичност и самодеструктивност, кои доведоа до ваков развој на настаните. Повеќето верници оваа година нема да имаат можност да појдат во храмовите и да се причестат на самиот ден Велигден, но преку молитвата и благодарноста, Божјата благодат ќе ги посети и озари нивните души. Верувајќи во Христа Распнатиот и Воскреснатиот и имајќи Го Него во своите срца, тие ќе бидат преплавени од една необична, неовосветска радост – радост, која според зборовите Негови, „никој нема да ни ја одземе“ (сп. Јован 16,22). Исто така, добро е да потсетиме дека во литургиска смисла празникот на Воскресението Христово трае во продолжение од 40 дена, т.е. до празникот Вознесение, па затоа древна пракса е Христијаните дотогаш да се поздравуваат со поздравот: „Христос воскресе“. Да се молиме и да се надеваме дека до Вознесението Господово оваа кризна состојба ќе биде надмината, така што да можеме да се собереме во нашите храмови и соборно да се израдуваме на Христовото Воскресение.

(Интервјуто  е направено за Битолски весник)