Мемети за МИА: Законот за социјална заштита на одредена категорија граѓани им создаде главоболки – ММС
ММС

Објавено на: 04/17/20 9:56 AM

Мемети за МИА: Законот за социјална заштита на одредена категорија граѓани им создаде главоболки

Омбудсманот Иџет Мемети, во интервју за МИА, истакнува дека поголемиот дел на преставките во 2019 година се за работата на правосудните органи во држaвата. Но, исто така наведува дека изминатата година, за разлика од претходните години има зголемување на бројот на преставки за социјалната сфера, здравствената заштита, детските права, а во делот на дискриминацијата има зголемување на преставките за мобинг.

Како причина за зголемување на поплаките во областа социјала тој го наведува новиот Закон за социјална заштита, за кој вели дека на одредени категории граѓани, наместо да им ги унапреди правата им создал дополнителни главоболки. Мемети нагласува дека заради неажурното работење на центрите за социјална работа во поглед на преведувањето/усогласувањето на правата од социјалната заштита голем број од нив останале без заштита од повисоките инстанци, а со тоа и без социјална помош, иако тоа им е единствен извор за живот.

Мемети во интервјуто за МИА нагласува дека во услови на прогласена вонредна состојба, определени мерки во вид на забрани се неизбежни. Сепак, додава тој, има посебни тимови од МИАзаменик народен правобранител и советници кои редовно ги следат уредбите на Владата со законска сила и со свои предлози, мислења интервенираат заради што поголемо и посеопфатно почитување на човековите права.

Народниот правобранител упати апел до властите при донесувањето на сите мерки да се внимава на човековите слободи и права, и ограничувањата да бидат само со цел превенирање и заштита на здравјето на граѓаните. Исто така апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките, за да можеме што побрзо да се вратиме на она што се нарекува нормален  живот, и веднаш кога ќе се процени дека е тоа можно, ограничувањата постепено да се укинуваат.

Мемети за МИА нагласува дека до овој момент никој не се пожалил на однесувањето на полицијата при спроведувањето на полицискиот час.

МИА