Молете се да не ве посочил Димитриевски- новинарите од Куманово без насоки, нема кој да се погрижи за нивното здравје по фамозната прес конференција, која стави функционери во изолација – ММС
ММС

Објавено на: 04/16/20 9:56 PM

Молете се да не ве посочил Димитриевски- новинарите од Куманово без насоки, нема кој да се погрижи за нивното здравје по фамозната прес конференција, која стави функционери во изолација

Локалните новинари од Куманово не добија никакви насоки од здравствените власти како да постапат по вчерашната прес конференција на градоначалникот Максим Димитриевски чиј тест денеска  е позитивен на коронавирусот.  Околу дваесетина новинари вчера ја проследија прес конференцијата, што од локални што од национални медиуми, а за разлика од владините функционери кои добиле насоки за самоизолација, новинарите од Куманово немаа таква привилегија.

Министерот за здравство Венко Филипче на вечерашната видео конференцијата рече дека разговарал со претставници на повеќе медиуми и дека преку Центрите за јавно здравје новинарите биле комуницирани попладнево.

– Разговарав со претставници на повеќе медиуми чии новинари беа таму, лично дадов совети, направивме контакт со Центрите за јавно здравје од градовите каде беа новинарите, секој контакт има различен степен на ризик, дали се носи маска и колкава е дистанца на седење, врз основа на тоа колегите ќе добијат соодветна информација иако добар дел од нив веќе се комуницирани попладнево,  рече Филипче.

Но, дека не е така потврдија повеќе новинари, кои професионално го следеле настанот а воопшто не се контактирани. Сами се потрудиле да се информираат преку лични познанства со здравствените работници- како да постапат, дали да одат во самоизолација и дали да се тестираат.

– Изминативе две недели активно ја следам состојбата со коронавирусот во Куманово. Неколкупати земав изјави од градоначалникот Димитриевски, не само на спорната прес конференција на која присуствуваа функционерите. За жал бидејќи се работи за телевизија и јас и градоначалникот разговаравме без заштитни маски. Се придржувавме до растојанието, колку што дозволуваше далечината бидејќи разговаравме со еден микрофон. Кога ја слушнав веста, искрено се замислив. Се јавив во Центарот за јавно здравје Куманово, од каде ми рекоа доколку градоначалникот ме посочил, тие ќе ме контактирале. Други детали не добив, ниту некој ме контактираше. Од редакцијата ми посочија да поминам некое време дома, вели Елена Георгиевска, дописник за МРТ .

Во иста ситуација се уште неколку новинари од локалните медиуми, како и Сузана Николиќ, која по прогласување на вонредната состојба повеќе работи од дома, но била на последните две прес конференции во Општината и во зградата на поранешен Комитет.

-Ги запазив мерките за задолжително носење на маска, ракавици и дезинфекција на опремата со која работев, а не бев ни во директна комуникација со градоначалникот или со некој од членовите на штабот. И од тој аспект сум мирна. Но, сепак она што ме загрижува од двата настани, а посебно од вчера е големата концентрација на луѓе на мал и затворен простор и непочитувањето на мерката за социјална дистанца, ниту на самата прес конференција ниту во салата каде што се одржуваше состанокот. Тоа остава простор за чувство на страв и незвесност. Откако дознав дека градоначалникот е позитивен, веднаш се јавив во Центарот за јавно здравје Куманово, од каде ми рекоа дека нема простор за паника, но да бидам претпазлива и доколку во наредните седум дена се појават симптоми да се јавам кај нив и да се тестирам. Засега никој од Министерството за здрасвтво не ме контактирал, а во дел од медиумите прочитав дека колегите од скопските редакции ќе одат во изолација, изјави Сузана, уредник на порталот „Куманово њус“ и дописник на „СДК“ од Куманово.

По лична иницијатива и контакти со лекарите од Куманово сепак добивме одговор дека сме биле на пропишаното растојание од Димитриевски, дека сме носеле маски и ракавици и дека нема потреба за наша изолација.

Никола Ивановски