Гренладнската замрзната плоча минатата година се намалила најмногу од периодот кога во 1948 година првпат почнаа да се бележат податоците за неа, покажуваат најновите истражувања.
Британски „Индипендент“ пренесува дека истражувачите откриле оти големиот пад на површинската маса го предизвикале не само високите температури на воздухот, туку и определени атмосферски услови кои станале зачестени заради климатските промени.
„Со децении го уништуваме мразот што настанувал со илјадници години“, изјави раководителот на истражувањето Марко Тедеско, истражувач од Универзитетот Колумбија во Њујорк.
Плочата од мраз на Гренланд, втора по големина во светот, покрива 80 отсто од островот. Минатата година загуби приближно 600 милијарди тони вода, што придонесе за раст на глобалното ниво на морињата за околу 1,5 милиметар, се наведува во друго истражување.