Шест здравствени работници од штипската Клиничка болница се позитивни на коронавирус, а неколку од досега изолираните медицински лица по направените негативни тестови ќе се вратат на работа. На инфективното одделение моментално се хоспитализирани девет позитивни пациенти и пет пациенти кои се сомнителни на коронавирус, информираше денеска директорот на Клиничката болница, Ален Георгиев.
– Една пациентка веќе имаме пуштено на домашно лекување. Таа имаше два негативни бриса и многу скоро ќе биде прогласена за излекувана. Сабајлево примивме еден пациент од Кочани чија клиничка слика укажува дека се работи за корона инфекција, меѓутоа тоа треба да го докажеме, рече Георгиев.
Шест здравствени работници од Клиничката болница се позитивни на коронавирус, меѓу нив и докторка од инфективното одделение. Бидејќи таа е во изолација, сега на помош во болницата е дојден инфектолог од Кочанската болница.
– Вчера добивме писмо од епидемиологот дека сестрите, болничарите и едната докторка од инфективно одделение, после негативните тестови и периодот кој бил потребен да бидат во самоизолација, ќе се вратат на работа, напомена Георгиев.
Две сестри и еден болничар од ортопедското одделение превентивно се во изолација, поради сомнеж дека некој од персоналот несоодветно ја користел заштитната опрема по контакт со пациент кој требало да има операција на колкот.
– Бидејќи во моментот не работи апаратот за рендген, тој беше препратен за третирање во Скопје. Беше вратен назад па утредента повторно го пративме во Скопје каде беше примен во болницата Осми септември и отпосле дознавме дека е позитивен на коронавирус, рече Геогриев.
Од заболените медицински работници, само еден со лесна клиничка слика е хоспиталициран на штипското одделение.
Клиничката болница досега има добиено 600.000 денари како донација за справување со коронавирусот. Освен добиени средства од фирми, болницата спроведе тендер со кој се набави голем дел од потребната заштитна опрема за заштита на здравствените работници и пациентите во клиничката болница.
Покрај коронавирусот, директорот Георгиев спомна дека набавката на опрема тековно тече. Гинеколошкото одделение доби нов апарат за лепење крвни садови – кој ќе се користи за побезбедна хирургија, а одделот за анестезија има нов апарат – видео ларингоскоп кој се користи при тешки интубации.